Светскиот економски форум размислува за разделба со Давос и избор на нова локација за настанот што секоја година, по традиција, се одржува на крајот на јануари. Можноста за напуштање на швајцарскиот скијачки центар ја најави Клаус Шваб кој е основач на собирот. Во изјава за „Зидоштшвајц“, како причина, тој ги наведе неразумно високите цени за сместување на учесниците. Порача дека е за продолжување на соработката со градот, но под услов да се обезбедат најмалку 2.800 хотелски соби по прифатливи цени и доволно места за соработниците.
„Ако тие услови не бидат исполнети, тогаш, со тешко срце, ќе мора да бараме друго седиште“, порача Шваб.
Хотелските соби за време на Светскиот Економски Форум во Давос чинат по неколку илјади евра за ноќ. Шваб вели дека учесниците се подготвени да платат за добра услуга, но забележува дека во некои случаи постои неразумно покачување на цените поради што, според него, менаџерите реагираат чувствително кога мислат дека некој ги искористува.