Под покровителство на Светската Здравствена Организација денеска во Брисел беше промовиран Извештајот „Нееднакво растење: родови и социоекономски разлики во здравјето и добросостојбата на младите„, во кој се опфатени од 42 земји од Европа, Северна Америка и Русија, вклучително и Македонија.
Извештајот нуди податоци за широк опсег на индикатори на здравјето и добросостојбата на младите, на училишна возраст (од 11, 13 и 15 години), преку самопроценка на менталното здравје; навиките во исхраната; прекумерната тежина; физичката активност; слободното време; повредите; ризичните однесувања (пушењето, пиењето, канабисот, сексуалното однесување); насилството, малтретирањето, во рамки на семејството, училиштето и врсничката група.
Резултатите од ова истражување, кое се повторува на секои четири години, покажуваат намалување на преваленцата на ризични однесувања, како што се пушењето, пиењето и опивањето меѓу младите во Европа, во последните 12 години. Младите од Македонија го следат трендот на опаѓање, иако со помали стапки од европските и многу позабележливо кај момчињата, отколку кај девојчињата.
Истовремено, задоволството од животот, како клучен индикатор на општата добросостојба, што се јавува кај дури 80% млади Европјани со возраста опаѓа, па 15- годишните млади се понезадоволни од животот, од нивните соученици на 11 години.
Задоволството од животот, покажуваат резултатите, е силно поврзано и со социо-економскиот статус на семејството, како и со ресурсите на заедницата вложени за доброто на децата. Оттука, не е изненадувачки што е тоа најниско токму меѓу децата од најсиромашните заедници, со директно влијание на нивните животни избори, во најкритичниот период од развојот, во преминот од детството кон возрасното доба.
И додека податоците долж подолг временски период (12 години), покажуваат намалување на јазот меѓу источно-европските и развиените земји во Европа, Македонија не ги следи истите трендови. Напротив, во последните 12 години, задоволството од животот меѓу младите од Македонија, континуирано опаѓа, и во 2014 година ќе падне за цели 10%, во споредба со 2002-та, што ги позиционира нашите 15-годишни млади на самото дно од табелата, меѓу 42 земји.
Во Извештајот уште се констатира дека многу аспекти на здравјето се социјално поставени и детерминирани. Децата, особено девојчињата од помалку имотните семејства континуирано покажуваат послабо физичко и ментално здравје, и пониска стапка на физичка активност, во споредба со момчињата од поимотните смејства, на пример.
Младите од социјално осиромашените средини, не само што живеат помалку здраво, туку имаат и помалку социјални ресурси и механизми, како што се помала поддршка од семејството, и врсниците, во справувањето со предизвиците, односно, послаба достапност до информации.
Со други зборови, многу разлики во здравјето и квалитетот на животот се должат токму на родовите и социјалните нееднаквости, и фокусот на секоја земја треба да биде во намалување на јазот, и подобрување на условите за еднаков пристап кон здравјето на сите деца во заедницата.




