Фондацијата Т-Мобиле за Македонија денеска во врска со објавата на Facebook за погрешно насочена донација информира дека на сите корисници кои донирале на бројот 143 143 во периодот од 27 до 30 јануари ќе им бидат вратени средствата за што ќе добијат СМС известување.

– Доколку сакаат повторно да донираат, активните броеви за донации се поставени на веб страницата и на Facebook страницата на Фондацијата. Фондацијата ќе ги преземе сите мерки согласно законските прописи за откривање на сторителот – иницијатор на оваа нехумана активност, се вели во соопштението.

Од Фондацијата апелираат до медиумите и граѓаните доколку во иднина забележат слични случаи да ги информираат затоа што секоја невистина им штети директно на корисниците на броевите за донации кои најчесто се деца и лица на кои средствата им се од животна важност.

Инаку пред три дена беше објавен бројот 143 143 на кој граѓаните наместо за операција на две годишно болно девојче донираа по 100 денари за изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“, која се гради на улица „Македонија“ во центарот на Скопје.