Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, ја обвини владата дека води погрешна политика сѐ со цел да добие на време. Тачи го повика ДУИ да донесе конечна одлука дали ќе ги бојкотира или не претседателските избори.
Ставот на ДПА за изборите ќе биде познат откако ДУИ ќе се изјасни децидно, изјави Тачи по средбата со амбасадорот на Шведска во земјава, Матс Стефансон.
-Нашиот политички опонент Али Ахмети личи на загубен во магла и нема никаков контакт со реалноста. Затоа денеска одлучив директно од него да барам да излезе со став – дали ДУИ ќе ги бојкотира или не претседателските избори, потоа ќе го слушнат ставот на ДПА. Јас не можам да се изјаснам лажно, преправајќи се дека наводно еден нивни сателит – невладино здружение апелираше за бојкот кај Албанците.
Ако тие излезат со дециден став за изборите дури тогаш ќе го слушаат политичкиот став на ДПА, рече Тачи.
Тачи ја обвини ДУИ дека не се занимава со големите проблеми на Албанците, туку со консензуален претседател кој, сепак, на крај ќе биде Македонец. По неприфаќањето на поканата од ДУИ за заеднички настап, Тачи изјави дека времето помина, а тие не се изјасниле.
„Тие зборуваат нешто што нема никаков контакт со напредокот на нашите права. Тој дефинитивно пред јавноста треба да објасни дека консензуалниот кандидат кој го спомнува Ахмети е Македонец и дека нема врска со Албанците, конечно треба да имаме вистински политички став од нивна страна“, додаде Тачи.
Извор: Алсат-М




