Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, по средбара со германскиот специјален претставник на Македонија, Јоханес Хајндл, изјави дека Договорот од Пржино е  мртов и дека е време за нов договор.

“Многу добра вест е тоа што ЕУ и натаму покажува конкретен интерес за Македонија. Се согласивме дека интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската Унија не би требало да има друга алтернатива. За нас договорот од Пржино е пропаднат  време е за нов договор”, изјави Тачи

Тачи изјави дека за пропаѓањето на договорот од Пржино се виновни трите партии кои се дел од извршната власт, но дека за иницијативата на Ахмети за повторно заседавање на Собранието има сериозна политичка волја од сите политички актери.

„Не може да правиме маркетинг од оваа трагична ситуација. Ние осум дена и осум ноќи разговараме и сега јас ли треба да ви кажам што бараме. Тоа е тотално нефер однесување кон процесот на преговори. Еве на пример што бараме ние – новото собрание да биде дводомно и Албанците да имаат право на вето за секој договор. Ако одиме маркетиншки, како Ахмети. Не е фер додека се разговара да се изнесуваат во јавност идеите“ вели Тачи.

Претходно утринава поединечни средби со Хајндл имаа и лидерот на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

По средбата, Заев кусо изјави дека тоа биле почетни разговори и оти ништо конкретно не е договорено.

Ахмети вели дека делегацијата на ДУИ ги претставила своите ставови за решавање на кризата и дека не би било добро на 5 јуни да има избори со оглед на имиџот на нашата земја.

– Со Хајндл разговаравме за политичката криза, како и за скопскиот договор. ДУИ ги претстави своите ставови за решавање на политичката криза. Во однос на изборите на 5 јуни сметаме дека не би било добро да се одржат, поради имиџот на нашата земја. Бараме начини како може повторно да се свика Собранието на Република Македонија. Го информиравме Хајндл дека ние ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти од земјата и странство како Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи Собранието, ќе се отворат многу други прашања – изјави Ахмети.

Хајндл вчера разговараше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски. По средбата со Хајндл од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека на германскиот пратеник му било пренесено дека партијата е посветена на изнаоѓање на брз излез од политичката криза.

„Интерес на државата и на сите граѓани е надминување на кризата и враќање на патеките на напредокот и економскиот развој. Граѓаните посакуваат решенија кои ќе значат враќање на нивната сигурност, но и спокојство“, му порачал Груевски на Ханјдл, во разговорот посветен на актуелната политичка состојба, создадената криза, како и за стратешките цели на државата вклучително и евроатланските интеграции на Македонија, соопштија од ВМРО ДПМНЕ.