Тантаров ги отфрли и ги осуди вчерашните реакции на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и неговиот пристап кон решавањето на проблемот предизвикан со извозот на краставици.
– Ние сметаме дека Зоран Заев треба да ги смирува работите и да побара помош од Владата за стопирање на се што ќе биде негативно со пласманот на нашите производи на поранешните југословенски и европските пазари и да се најде модел за да се заборави тоа што се случи, а тој заборува нешто што е недолично за лидер на голема партија, реагира Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделците.
Според Тантаров, македонските краставици наместо на трпеза, завршиле на буниште, поради што е предизвикана голема штета на македонскиот извоз на земјоделски производи.
– Наместо на хрватските пазари, македонските краставици се најдоа на хрватските буништа.
Ние како Сојуз на земјоделци мора да реагираме дека со овој потег на извозниците на т.н. отровни краставици ќе се зададе голем удар на македонското земјоделство. Познато е дека нашата држава по распаѓањето на Југославија долго време се бореше да направи ред со пазарите во поранешна Југославија, и токму во Хрватска во 2001 година кога беше потпишана спогодба за асоцијација Македонија доби виза од ЕУ сите земјоделски производи произведени во Македонија да се извезуваат во ЕУ без притоа да се плаќаат некакви давачки. Тогашната вест од Хрватска до 2006 година не беше преточена во стварност и на тој план ништо не се направи. Дури потоа, по 2006 година, во овие седум години со напори на нашата Влада, чекор по чекор се освојуваа европските пазари за нашите земјоделски производи.
На денешната прес-конференција во Битола, претседателот на СЗМ нагласи дека годинашниот голем извоз на земјоделски производи во странство исклучиво се должи на поддршката од Владата.
– Некои тврдат дека нашата Влада бадијала досега дала 500 милиони евра кога бенефитот од нашите земјоделски производи е многу мал, но тоа апсолутно не е точно, бидејќи годинава извозот на македонски земјоделски производи ќе достигне до 600 милиони евра, што се големи средства за мала држава како нашата. Но, со овие т.н. отровни струмички краставици ќе биде нанесена посебна голема штета на постојниот извоз на преспански и тетовски јаболка, на претстојниот извоз во наредната година на раните градинарски култури, потоа на праските, на грозјето, виното и други земјоделски производи што нашата држава ги извезува на пазарите на ЕУ.




