Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Не знам драги пријатели за вас, ама последно време многу „јаки фаци“ се намножија како јутјубери (така ли се нарекува оваа категорија?), „светски, а домашни предавачи“, луѓе кои знаат сè за историја, филозофија, бизнис, економија, а не знам дали приметувате: најгрлатите за своите компетенции, звања од типот на „м-р.“ и „д-р.“, сите од ред десничари и ултраконзервативни типчиња и типки, без разлика на кое годиште припаѓале.

Кога ги најавуваат, дури не мора да се и тоа, туку се чувствува таа лажна надменост, практично им се гледа во очите; или поточно кога самите себе се најавуваат, човек добива впечаток како некој од нив да ги напишал најважните песни на Стоунси, Мишел Фајфер ја оставил без здив, на Кит Ричардс му ја украл жената, Ал Пачино го убил во клучна сцена од некој трилер, шлокал текили на екс со Хемингвеј, скитал по разни дупки со Хју Лори во кои се свири прекрасен џез? А на крајот, како и обично – ништо од тоа. Всушност ниту вие, ниту јас за него сме слушнале, и кога ќе го најават, обично седнуваме пред телевизор, на маса ставаме проја, лук, леб, дробиме зелена салата, и со чаша ракија нестрпливо го чекаме тој мисловен потрес. И кога вака, повторно ништо.

Разни ликови ни влегуваат во нашите животи откако дојде оваа демократија, и како сите да се такмичат во иста супа, па кој што во неа и од неа ќе улови? Без разлика за кого станува збор, нема да верувате, секогаш ќе се најдат илјадници кои ќе „платат карта“ за кои и Стоунси може да им завидат. Сметаат дека таквата инвестиција многукратно ќе им се врати, затоа што тие дошле само да предупредат, мотивираат и посоветуваат за „иднината на нашата држава“.

Ако вие мислите дека јас сега ќе соопштам дека се работи за некакви „патувачки шарлатани“ од десниот спектар кои се обидуваат да го пофаќаат неопределениот и определениот сноберај, па „околишам као киша око Крагуевца“, се лажете. Секогаш прво гледам и слушам, а потоа коментирам ако има што да се коментира. Друго, мене сите тие ми се исти, оти приметувам дека не би го разликувале Моцарт од Салиери; трето, сè укажува на тоа – чисто појавно – дека се работи за сериозни луѓе, барем според дисциплините со кои се занимаваат, а кога ќе ги слушнеш така на купче, па малку ќе ги промешаш, сфаќаш дека тоа нема врска со паметот и здравиот разум.

Се насобраа во јавниот простор купишта „бизнис гуруа“ и останати дилери од типот на техно-менаџерски „nou hau“, и замислете – сите се патриоти. Ги знаете, мил им е патриотизмот, ама уште помил им е „sвездениот статус“ во македонскиот (пост)капиталистички свет, онака како што, да речеме, во „класична“ смисла на науката уживаат статус на sвезди еден Стивен Хокинг или Ричард Докинс. А останатата публика коja ги слуша напитоците на нашите Гуру-а, сепак не се „јајчари“ кои не знаат како да го потрошат денот, туку „топ менаџери“, што значи тоа се луѓе кои тесна специјалност им е економија со времето е парите. Така што веројатно тие знаат за што ги гледаат нашите „патриотски селебрити“, и кои сме сега ние да им сметаме?

Откако дојде време за „новиот човек“, откако оној комунистичкиот се распука на масовните гробишта после падот на Берлинскиот sид, многу луѓе нешто се навредени и разочарани, сите имаат нешто да префрлат и кажат за Францускиот договор, а реалната објективизација на општеството е дека рамката во самиот преговарачки статус е непроменета. Базичниот фундамент на тој договор е прифатен од официјален Брисел и македонската Влада. И практично луѓето нè молат: ќе добиете пари, ќе добиете фондови, ставете ги Бугарите во Уставот, обидете се да направите политички консезус за ова прашање, а дури потоа делете се на сите возможни вредносни, идејни и политички прашања. Ни велат: не си пукајте во нога, не останувајте сами и сиромашни. Тргнете напред затоа што подобар политички и економски договор нема да добиете.

Ништо не ни чини, секој Договор ни е тесен, секоја постела ни е Прокрустова. Па, по ѓаволите тогаш и со нас, само не смееме да бидеме поразени како „остаток од нешто“ затоа што тоа е вредно за чување: нема Нови Луѓе од неуништива сорта кои ќе не заменат, нема ниту нови „секретари на идеолошки комисии“ иако денес таквите се нарекуваат „хјуман рисорс менаџери“.

Иднината ни припаѓа нам. Ако и оваа шанса ја прокоцкаме, и чекаме некои нови 10 или 15 години за влез во Европа, е, богами и заслужуваме да пропаднеме уште побрзо и уште појако, сите заедно: јутјубери, менаџери, адвертајзинг експери, обични граѓани, активисти… Е, богами ќе заслужиме. Сите на купче.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.