Агенција за електронски комуникации на Македонија започна од парите на граѓаните на Водно да гради телекомуникациска кула која ќе чини 17,6 милиони евра.
објавува најновиот магазин Глобус, кој прави анализа на исплатливоста на проектот.
Според образложение на премиерот Никола Груевски, за потребите од изградба на ваков вид на објект, изгледа дека би било многу пологично инвеститорот на овој објект да биде Туристичкиот сојуз на град Скопје, или некој приватен кафанџија.
Бидејќи, според највата на Груевски и она што го кажа на денот на поставување камен темелник, Кулата ќе биде два пати повисока од Милениумскиот Крст, но и од висококатниците во Аеродром, што значи ќе биде највисок објект во Македонија и атракција која ќе привлекува многу туристи. Во кулата ќе има ротирачки ресторан од кој ќе се гледа панорама на Скопје.
“Ваквите кули се симбол и атракција на многу познати градови ширум светот, и претставуваат магнет за туристите и посетителите. Со изградба на телекомуникациската кула на Водно и Скопје ќе добие плус на својата туристичка претпознатливост” – рече Грувески на поставување камен темелник на овој објект.
Кулата ќе биде висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 квадратни метри. “Ова е футуристички објект по кој веруваме дека во иднина ќе биде препознатлив и Градот Скопје” изјавил директорот на АЕК Ордановски.
Изградбата на ваквите кули, денес, во време на модерни и нови комуникации претставува чист анахронизам. Премиерот како примери ги посочи градовите Виена, Токио, Камбера, ние ќе ги додадеме и Берлин и Авала, кај Белград во нашето соседство.
Кај сите овие прескапи објекти преовладува акцент на туристичко угостителска функција, а не на некаква нова телекомуникациска функционалност. Јапонците тоа можат да си го дозволат, бидејќи, се работи за економски најразвиената земја на светот. Споредбата на Скопје со Токио, која ја направи премиерот, навистина е несериозна.




