Граѓаните, како колатералната штета во суровата битка меѓу Националните телевизии и кабелските оператори, зад која во суштина стои профитот, ќе бидат во информативен мрак. Далечинските управувачи може да ги фрлат со оглед на тоа што од колажот од сто канали ќе бидат сведени само на Јавниот сервис.
Здружението на информатичко-комуникациски технологии што ги обединува сите оператори донесе едногласна одлука за прекин на реемитување на сите домашни и странски ТВ канали, а како единствени содржини остануваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Ваквата одлука на операторите, за која не е прецизно наведено кога би стартувала, доаѓа по новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) што се донесоа непосредно пред распуштање на Собранието по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.
Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐдодека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот.
„За оваа принудна одлука за прекинување на реемитувањето на домашните и на странските ТВ канали, се информирани Претседателот на РСМ, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност“, се вели во соопштението на Здружението на ИКТ.

Причината за ваквиот чекор се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми што тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. На овие измени инсистираа од Македонската медиумска асоцијација (ММА) за што добија политичка поддршка и од владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ чии пратеници Костадин Ацевски и Артан Груби беа подносители на измените на Законот за АВМУ.
Една од измените е дека сега е потребна изјава за морална, материјална и кривична одговорност не само од кабелскиот оператор како што беше досега, туку и од емитувачот на самиот канал кој го реемитува кабелскиот оператор, со што ќе се гарантира дека се откупени авторските права за територијата на Македонија.
„Националните телевизии подолг период укажуваат дека сме мека за пиратерија во државата во однос на кабелските телевизии. Ние сме единствена земја во која, на пример, ако влезете во хотел ќе пуштите ТВ и ќе видите сто канали. Проблемот е во тоа што досега нашата држава не направи систем на селекција кои канали може да се реемитуваат. Она што ние го посочувавме е дека државата не врши проверка на авторските и на сродни права. Кабелските оператори мора да внимаваат кои права ги реемитуваат во Македонија. Продаваат нешто за кое што не смееле да го претстават како свое“, велат за НОВА извори од ММА.
Домицилните телевизии во секоја земја, додава тој, купуваат права само за својата држава. За било што, дали е фудбал, дали се тоа серии, филмови тие ги купуваат само за територија на Македонија.
„Тоа не ограничува да не може да зрачиме надвор од територијата на нашата земја. Се јавувале 20 кабелски оператори од БиХ и од Србија за реемитување на една наша национална телевизија. Тоа не го правиме затоа што ги немаме правата. Имало примери кога националните телевизии плаќале за авторски права за спортски натпревари, а операторите истите настани ги пренесувале преку странските канали без да платат за авторски права. Приходите од реклами за минатата година се намалени за двојно, а за тоа вината ја сносат кабелските оператори“, вели нашиот соговорник.
Според него, недозволено е да се реемитуваат сто канали и за тоа истовремено да се наплатуваат пари. Истовремено се чуди зошто националните телевизии се вклучени во одлуката на ИКТ, односно исклучени од програмата, со оглед на тоа што поседуваат авторски права.
„Кабелските нам ни велеа „ајде пратете ни нас кои филмови и серии од која телевизија ги имате купено, па ние тоа ке го затемниме“. Но, тие не може да емитуваат ништо зашто немаат право. Независно дали ние го имаме правото во моментот, можеби за нешто ќе сакам утре да го купам. „Фокс Лајф“ на пример на пауза има словенечки реклами. Тоа е доказ дека го крадат сигналот од Словенија и уфрлуваат македонски титл. Согласно Законот, сега ќе мора да обезбедат договор во кој, на пример, самиот РТЛ ќе гарантира дека ги имаат правата. Ја гледаме вината и кај Регулаторот бидејќи во законот не ставиле дека мора да има директен однос меѓу телевизијата и операторот што го реемитува тој канал тука. Операторите имаат некакви договори, наоаѓаат т.н „мидл мен“. Постои, на пример, еден Словенец кој претставува десет канали од Балканот. И тој ви вели дека јас ги имама првата за РТЛ, „Хајат“, „Нова“ и кабелските викаат „еве го договорот со лицето“. Во законот не стоеше дека мора да има изјава од одговорното лице на каналот со што би се гарантирало дека ги имаат правата. Домицилните и терестријални канали, како што кажав добиваат лиценци/дозволи за работа само за таа територија. Зошто и како РТЛ Хрватска се реемитува во Македонија, Хајат БИХ, РТС1, РТС2, Нова…? Се емитуваат пиратски зашто програмата која не е нивна сопственост ја набавуваат само за својата територија“, посочува нашиот соговорник и упатува на членот 157 б од Кривичниот законик.
Во него меѓудрогото се вели дека тој што репродуцира, увезува, дистрибуира…или на друг начин противправно го користи аудиовизуелното дело ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Непосредно пред донесувањето на Законот, според информации на Нова ТВ, реагирале и дел од амбасадори на големи европски сили во земјава. Еден од нив, според наши информации, имал состанок со Извршен директор на една од националните ТВ, кој се одвивал во непријатна атмосфера. Паднале и закани за тужби со препорака од директорот до амбасадорот да ја види праксата во останатите земји и како таму функционира оваа сфера. Бил посочен и примерот со Бугарија и Австрија, каде кабелските оператори емитуваат по четири или пет странски канали, како доказ дека тие земји не поддржуваат пиратерија.
„Во Германија дали има повеќе од три канали слободни. Се е „пеј ТВ“, велат од ММА.
Од Асоцијацијата во која членуваат „Канал 5“, Алсат М“, „Телма“, „Сител“ и „Алфа“ пред еден месец најавија бојкот на активностите на Владата и на министрите без да ги образложат причините за „симнување на камерите“. Тоа во јавноста беше протолкувано како своевиден условување и притисок пред носење на законската регулатива. Неколку недели подоцна, пред да се распушти Собранието, НОВА побара став од кабелските оператори околу измените на законот, но не добивме никаков одговор. Очигледно беше дека двете страни сакаат тивко да ја водат битката зад сцената, со надеж дека на крајот нивното лобирање ќе победи.
Познавачите на оваа сфера предупредуваа дека со носењето на законот граѓаните ќе бидат ускратени уште за дузина странски канали, откако неодамна останаа без ХТВ и Еуроспорт. Според нашите информации, конкретно, прекинот на емитувањето на ХТВ се случил откако одговорните лица на една наша национална телевизија пратиле неколку барање до телевизијата да потврди дека има договор за Македонија. Во повратниот допис стоело дека ХТВ нема таков договор и дека ќе реагираат до кабелските оператори во земјава, по што следеше исклучувањето и понудата на алтернативни канали. Епилогот ги разочара граѓаните кои потпишаа скапи договори за програмски пакети во кој беа вклучени ХТВ и Еуроспорт ( со овој канал приказната, наводно, била поинаква, односно проблемот се јавил кога била побарана повисока сума за реемитување на каналот која не била прифатлива за кабелските оператори).
„Одлично е да се почитуваат авторските права, но во пракса тешко ќе биде спроведливо ваквото законско решение без граѓаните да бидат колатерална штета. Еве, на пример ќе побараш од одговорните лица на Дискавери од Лондон да ги потврдат авторските права. Реално е да се соочиш со опасноста тие воопшто да не се занимаваат со нас, бидејќи сме зрно во песокта и барањето да заврши во некој кош“, велат познавачите.
Адвокатката на Асоцијацијата на кабелски оператори, Лидија Голубовска, во изјава за МЕТА тврди дека во светот има модели каде странецот испраќа соодветна документација до некое регулаторно тело, со која докажува дека работи во согласност со законот, но да дава изјава, под морална, материјална и кривична одговорност, тоа може да го прави само пред македонски нотар.
„Како може ние да гарантираме за тоа дали Eurosport, CNN или Discovery се регулирани авторски права?! Затоа велиме дека законот е неприменлив. Овие измени се направени на неписмен начин, до толку што одредбите што стапуваат на сила немаат ни смисла. Тоа е тотален апсурд и ова решение ќе создаде дополнителен хаос во медиумската сфера“, смета Голубовска и додава дека поради тоа може да се исклучат сите странски канали, а граѓаните да бидат најоштетени.
Според неа, невидено е да се наметне обврска одреден правен субјект да одговара кривично за некое непочитување од друг правен субјект.
„Домашниот оператор треба да одговара кривично доколку некој странски канал пиратира. Не може едно правно лице да одговара за прекршок на друг правен субјект“, објаснува Голубовска.
Според законското решение директорите на кабелските оператори ќе сносат морална и кривична одговорност, не само за непочитување на авторските права за реемитување на каналите што ги пренесуваат, туку и за непочитување на истите права од страна на странските радиодифузери што ги реемитуваат. Санкции за непочитување на авторските права и сродни права од кабелските оператори ќе изрекува медиумскиот регулатор, кој ќе треба да донесе подзаконски акт, каде ќе се регулира постапката за утврдување на одговорност.
Ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе и барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.
„Операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би сеизбегнале натамошните штети и би се заштитиле корисниците на услуги и целата јавност. И во изминатиот период, Здружението на информатичко-комуникациски технологии укажуваше на штетноста од ваквите измени и ги искористи сите механизми пред сите релевантни домашни и странски институции. Сепак, и покрај подготвеноста на Здружението да биде партнер во процесот на дефинирање на законските решенија кои ќе бидат во интерес на сите страни, а пред сè на корисниците, измените на АВМУ беа донесени на сосема спротивен начин“, велат од ИКТ.
Ваквата обврска дефинирана со Законот, нагласуваат, е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава. ЕУ во суштина се залага да се збогатува понудата на програмски содржини на целата нејзина територија преку реемитување на програмски сервиси од странство преку кабелски оператори.
Целта во суштина е демократизација на јавниот простор, односно граѓаните да имаат пристап да слушнат различни мислења за одредени настани и случувања како на домашен така и на меѓународен план. Затемнувањето на каналите се случува токму во ек на се понагласената опасност од корона вирусот за која граѓаните се обидуваат да се информираат од различни места и извори. Сега имаат една ТВ опција – МТВ. Ако не пред компјутер или телефонот в рака. А платиле за нешто сосема друго!