Телото на починатата Весна Станковиќ, кое три дена се распаѓаше по мостот на Вардар бидејќи никој не доаѓаше да го однесе,  веќе трет  ден е во капелата во АД Бутел и никој не знае дали и кога ќе биде погребано.   Институциите си ја префрлаат топката, а Град Скопје не се чувствува надлежен да го погребе телото на починатата. Доколку не се најде место каде да се закопа, можно е повторно да бидено вратено назад на семејството за тие сами да го погребат.

Семејството бездомници кои веќе една година живеат под мостот на Вардар спроти Скопски саем, немаат пари да ја погребат 35 годишната жена, српска државјанка. Секој ден поминат во капелата чини пари.

Социјалните служби денеска на сопругот на починатата му соопштиле дека Центарот за социјални грижи нема да ги покрие трошоците за погреб бидејќи тие двајца не се корисници на социјална помош, туку само свекорот кој примал постојана парична помош. Социјалните служби сопругот го пратиле да се обрати во Град Скопје.

„Од  Центарот не упатија да се обратиме во Град Скопје. Таму ми рекоа да одам во погребалното претпријатие  АД Бутел, да земам потврда за настаната смрт. Отидов ја земав потврдата и повторно с е вратив во Град Скопје. Тогаш ми рекоа со таа потврда утре да одам во МВР и со службено лице од таму да одиме повторно во капелата да извршам идентификација на телото“, велат за НОВА од семејството Мемедовски.

Кога ќе се направи сето тоа, дури тогаш ќе се одлучува што ќе биде со телото. Доколку нема место каде да се погребе, можно е повторно да го вратат на семејството. Вакво објаснување во Град Скопје му дале  на сопругот на починатата Весна Станковиќ.

НОВА веќе два дена се обидува да стапи во контакт со портпаролите на Министерството за труд и социјала, но ниту еден не се јавува на телефонските повици. Ова Министерство очигледно не се чувствува повикано за случајот кој предизвика бура од реакции во јавноста.

Во погребалното претпријатие АД Бутел за НОВА велат дека телото во капелата може да остане со месеци, се додека МВР или Јавното обвинителство не дадат налог да биде погребано.

„Треба налог од МВР или од обвинителство за да можеме да го погребаме телото на починатата. Со месеци може да остане во капелата додека не се завршат тие формалности. Инаку, без разлика што е бездомник има начин, може да се закопа на некоја локација или по желба на семејството на друго место“, изјави за НОВА Илија Филиповски директор на АД Бутел.

Во МВР велат дека не можат ад постапат по случајот бидејќи не бил пријавен во полициска станица.

„Случајот не е пријавен, го нема во билтенот. Нека го пријави било кој, тоа може да го стори и погребалното претпријатие АД Бутел, за да можеме да постапиме“, изјави Лиза Бендевска портпаролка на СВР Скопје.

Спротивно на ова, од семејството тврдат дека пријавиле на 192 уште веднаш кога починала, но полицискиот службеник им рекол  дека не е во нивна надлежност бидејќи не станува збор за насилна смрт.

Истиот ден дошла и екипа на Итната медицинска помош која констатирале смрт. Но, и тие очигледно не го пријавиле случајот никаде.

НОВА побара одговор од Основното јавно обвинителство дали ќе преземат мерки за овој случај, но до моментот на објавување на текстот, одговор се уште нема.

Телото на мртва жена три дена стоеше на отворено до импровизираното живеалиште, под  мостот близу Скопски саем и ниту една служба не доаѓаше да го однесе.

Кога НОВА го посети семејството телото беше во фаза на распаѓање, на топлото време, а непријатна миризба се ширеше наоколу. Стаорците веќе го гризеа и јадеа телото.

Тоа се случуваше под мостот кој од МРТВ води кон населбата Аеродром, на фреквентно место каде што постојано поминуваат луѓе и возила.

Два часа откако НОВА ја објави сторијата, дојде екипа од погребалното претпријатие АД Бутел и го однесе телото во капелата. Три дена по ова надлежните институции не можат да се договорат за погребните трошоци, така што телото на жената може да биде вратено назад од каде што било земено, под мостот на реката Вардар.