ВМРО-ДПМНЕ најави целосна блокада на институциите, патиштата и на целата држава доколку власта не се согласи на предвремени парламентарни избори. За власта, пак, темата за избори е затворена до 2024 година и го повикаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од блокадите.

Од власта повикуваат на разум и нагласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже одговорност и конструктивност.

Според Мартин Костовски, пратеник од редовите на СДСМ, сега, откако темата за парламентарните избори е затворено прашање до 2024 година, Мицкоски треба да се откаже од натамошни блокади и опструкции.„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, треба да покажат одговорност и конструктивност, законските решенија за граѓаните и помош во време на криза да бидат усвоени. Примери низ светот има бројни, во време на глобална криза, опозицијата и власта треба заедно да работат во интерес на граѓаните, а не опозицијата да блокира, да кочи и опструира. Затоа повикуваме на разум, ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже конструктивност, да почне да работи за интересите на граѓаните, наместо за личните амбиции на Мицкоски“, рече вчера Костовски на прес-конференција.

Граѓаните, како што кажа, во овој чувствителен период од сите политички субјекти со право очекуваат одговорност, работа и посветеност во надминување на последиците од глобалната криза. Впрочем оваа порака граѓаните му ја испратија директно на Христијан Мицкоски со дебаклот на митингот и слабиот одѕив. Јасна е пораката на граѓаните до Мицкоски – не сакаат блокади и опструкции туку очекуваат одговорност од сите партии, заклучи Костовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера најави протестно лето и активна блокада на Парламентот. На есен, како што посочи ќе има нов сет на чекори.

„За ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата и огромно мнозинство граѓани, прашањето за предвремени парламентарни избори не е затворено. Продолжуваме со нашиот активизам, ќе имаме протестно лето и активна блокада во Парламентот. На есен ќе има нов сет на чекори, ќе биде динамично, а одговорноста за сето ова ќе ја има Владата“, изјави Мицкоски. Според него, мандатот на оваа Влада се ближи кон својот крај. Порано или подоцна, вели тој, крај ќе дојде.

Премиерот Ковачевски и во неделата по завршувањето на средбата со коалициските партнери во Владата изјави дека предвремени избори нема да ги решат проблемите, туку ќе ги продлабочат. Со овој став се согласни сите коалициски партнери.

„Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Политичкиот дијалог со опозицијата околу прашањата од највисок национален интерес треба да се одвива на конструктивно ниво во рамки на демократски избраните институции. Уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни“, потенцира Ковачевски.