Тенковите кои Македонија ги донира на Украина, всушност се купени од таму со македонски пари за време на кризата во 2001 година и не донација од Русија, како што пишуваат дел од медиумите, велат од ВМРО-Народна партија чиј лидер, Љупчо Георгиевски беше премиер во Владата во тоа време.

„Сакаме да потенцираме дека Македонија не ги доби тенковите како донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално ембарго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и нагласиме дека дека тенковите не се добиени како помош, туку се купени со македонски пари“, велат од ВМРО-Народна.

Дека Македонија ѝ донира тенкови на Украина, во текот на изминава недела потврдија и од Министерството за одбрана и од македонската Армија . Станува збор за, како што велат, тенкови од третата генерација кои се некомптибилни и неконкурентни со оглед на развојот на технологијата.

Од таму додадоа дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата, во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон што, потенцираат од МО, е во тек и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата.

Македонија ѝ донира тенкови на Украина, потврди Министерството за одбрана