Масакрот во Крајстчерч ги разгоре страстите на регионот трауматизиран од етничките војни во 90-тите.
Во видеото емитувано на интернет, снимено во автомобил, додека тој вози кон џамиите во Нов Зеланд, каде ќе убие 50 луѓе, Брентон Тарант слуша песна на Радован Караџиќ која ги величи босанските Срби.
На овој промотор на етничко чистење во среда треба да му биде потврдена казната од 40 години затвор за злосторствата сторени 1992-95 година во кои животите ги загубија околу 100.000 лица.
Меѓу имињата кои Тарант ги испишал на шаржерот се неколку херои со кои српските националисти ја слават нивната борба против Отоманската империја како Новак Марко Вујошевиќ, Милош Обилиќ, убиен во битката кај Косово Поле (1389), основач на српскиот национален и верски идентитет, или средновековниот крал Стефан Лазар.
– Отоманската опсесија –
На телевизијата N1, амбасадорот на Босна и Херцеговина во Австралија, Мирза Хајриќ, истакна дека во оваа песна на Караџиќ “од Бихаќ до Петрово”, се вели дека “тој мора да ги убие Турците”, термин со кој ултранационалистичките православни Срби ги именуваат босанските муслимани.
За време на Отоманската ера, Балканот беше пет века простор на контакт и конфликт меѓу муслиманите и христијаните.
Повикувањето на отоманското минато е константа на ултранационалистичките Срби. “Српската Република Босна никогаш нема да биде Турција” е класичен слоган на политички митинзи во српскиот ентитет на оваа земја.
Според власите на Нов Зеланд, Тарант го посетил регион на крајот на 2016 и почетокот на 2017 година. Бил во Црна Гора, Србија, Босна , Хрватска и Бугарија. Во ноември 2018 година тој, исто така бил и во Турција.
Исламската заедница на БиХ изјави дека е “особено вознемирувачки”, што “убиецот ја започна својата крвава мисија со звукот на една песна која ги слави воените злосторства во Босна” и “јасно беше инспириран од истата екстремистичка идеологија” се вели во нивната реакција.
Во Косово, поранешниот министер за надворешни работи Петрит Селими, изјави дека Тарант “беше инспириран од специфична форма на белата супремација чиј корени се во српскиот национализам”.
“Војните и геноцидот извршени од страна на српските идеолози станаа извор на инспирација за екстремната десница во светот”, пишува на Твитер Петрит Селими.
“Анти-српска хистерија” –
Во Србија и во Босна, српските официјални претставници ги осудија изјавите против она што го сметаат за амалгами на националните идеологии.
Лидерот на босанските Срби, босанскиот министер за надворешни работи, Игор Срндак ја осуди “антисрпскката хистерија” и рече дека е “неодговорно да се поврзат лудачки активностите на едно пореметено лице, со цела една нација.
Во Белград, министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, инсистираше на тоа дека “Србија нема никаква врска со овој масакр. Според него, да се воспостави врска меѓу овој терористички чин и Србите е “штетна за српските интереси”.
Од своја страна Воислав Шешељ, и самиот обвинет за злосторства против човештвото, но сепак пратеник во српското собрание смета дека зад ова стои антисрпски заговор: “демонизацијата на Србите ќе продолжи како се додека нашата земја не капитулира”, рече Шешељ.




