Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. 

Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат.

Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот.

За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со КОВИД-19.

За граѓаните е достапна и мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ. Годинава, ХЕРА ја одбележа и пролетната Европска недела на тестирање за ХИВ споделувајќи „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“, односно приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија.