Министерството за образование денеска најави дека е креиран т.н. јавен отворен базен на прашања за сите предмети во основно и средно образование кои се дел од екстерното тестирање. Тие ќе бидат јавно достапни 30-тина дена пред полагањето, а три дена пред полагањето ученикот точно ќе знае по кои предмети ќе полага.
– При изготвувањето на прашањата кое е во тек, во предвид се зема застапеноста на наставниот предмет, односно неделниот фонд на часови по тој предмет. Така на пример за предмет кој е предвиден со еден час неделно ќе се изготват приближно 100 прашања, а за наставен предмет кој е застапен со два часа неделен фонд, приближно 200 прашања…, истакна на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Тој појасни дека тематски прашањата ќе се однесуваат на содржини кои се лесни за помнење, но суштински многу значајни што ќе придонесе за стекнување на практично применливи знаења во понатамошните образовни и работни циклуси во животот.
Новина е и тоа што од годинава со екстерното тестирање ќе бидат опфатени и учениците од завршните години кои ќе полагаат во текот на јануари.
Надлежните истакнуваат дека унапредуавњето на системот е направен во консултација со сите засегнати страни и оти целта е подобрување на квалитетот на знаењето.
– Не очекувам да се појават било какви проблеми од процедурална природа, неинформираност и слично, затоа што тоа се ученици кои веќе имаат искуство, односно за нив ова ќе биде втора година во која се врши проверка на нивните знаења, со тоа што, повторно напоменувам, олеснителна околност е достапноста на прашањата, некаде од прилика околу 60.000 прашања кои ќе бидат објавени на 25 декември, а кои ќе се однесуваат на сите предмети од сите струки. Тоа значи дека тогаш за секој ученик ќе се однесуваат 2.000 до 3.000 прашања, при што на 19 јануари со објавувањето на предметите кои секој ученик ќе ги полага, ќе може да види во кој дел е потребно да се фокусира, односно квантумот на прашања ќе се стесни, од 200 до 400 прашања, рече министерот Ристовски.




