Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции истакна дека намерите на Париз се заеднички успех и дека не треба да се оспоруваат намерите на Франција за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ. 

– Ние сме со граѓаните на Северна Македонија и сакаме да успееме, да успееме заедно со вас. Нема никакви стравувања од наша страна во однос на доаѓањето на други земји- членки во Унијата, само сакаме тие земји да бидат доволно силни и доволно подготвени за да можат граѓаните да ја контролираат својата влада, но и тие земји да бидат доста силни за да можат да го спроведуваат тој заеднички европски проект. Европскиот проект треба да биде строг, а не само своевидна лиценца на оние кои управуваат со тоа затоа што го добиле датумот и потоа да можат да си прават што сакаат на внатрешен план,  рече Тимоние.

Она што се случи во октомври со недобивањето датум, според него не е историска грешка, туку е историска шанса споредено со претходниот систем за проширување.

За францускиот нон-пејпер рече дека има и позитивни реакции и критики, но тој е доставен и процесот е почнат и официјален Париз посакува тој брзо да заврши.  

Посакуваме процесот да заврши до крајот на јануари, што ќе ни овозможи потоа да се трасира патот кон Загреб на подоверлив начин. За тоа ќе треба и новата ЕК да одговори на нашите желби, но исто така треба и државите членки да се покажат конструктивни. Сите посакуваат да се отворат преговорите што е можно побрзо, а овде нема ништо за да ги спречи спроведувањето на реформите. Напротив, има конкретни барања за завршување на законот за јавното обвинителство и сите други закони кои произлегуваат од тоа, и тоа се области во кои ние очекуваме напредок, рече Тимоние.  

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи истакна дека нема дилема дека Северна Македонија во октомври била подготвена да добие датум за преговори и од таму доаѓа разочарувањето и во администрацијата и меѓу граѓаните. Сепак, нагласи дека овој период до добивањето датум за преговори за нас не е пауза, бидејќи реформите продолжуваат не заради ЕУ, туку заради нас самите. Ја повика опозицијата на конструктивност и до пролет да биде донесен законот за јавното обвинителство за да се тргне и таа забелешка пред самитот во Загреб.

-Ние немаме ниту време ниту право на емоции туку стратешки да размислуваме за единствениот мандат кој што го имаме од граѓаните, а тоа дека единствена алтернатива која ја имаме е полноправно членство во ЕУ, рече Османи повторувајќи дека во октомври заслуживме да добиеме датум, дека нема страв д посебни услови и од заострени методологии, ниту од ревирзибилност на процесот.

Пратеничката Ивана Туфекџиќ рече дека ниту Северна Македонија, ниту граѓаните, ниту власта, ниту опозицијата не бараат проширување заради проширување.

-Сите ние сме свесни за критериумите и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и владеењето на правото во интерес пред се на нашите граѓани не само на ЕУ. Тоа е важно да го повторуваме постојано бидејќи очигледно се користи како аргумент иако тоа не е, кажа Туфекџиќ, и потенцираше дека тука е спорен моментот за отворање на дебатата за реформата на Европската унија. 

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски, смета дека ова е привремена ситуација и нашите идни одлуки ќе зависат од три работи: внатрешната политика во земјите – членки на Унијата, односите меѓу земјите-членки, како и од позицијата на ЕУ во светот.

Според Попоски, за нас ќе биде особено важно да се прилагодиме на одлуката на Европската унија во однос на проширувањето по завршувањето на овој процес. На внатрешен план рече дека треба да се промени пристапот на водење преговори со Унијата, барајќи поголема транспаретност од Владата во однос на овој процес, како и вклучување на повеќе чинители, имајќи ја предвид и опозицијата