Владиката Тимотеј не знаел, но и не е изненаден од најавите дека општина Охрид донела решенија за уривање на според нив нелегални објекти во манастирскиот комплекс Свети Наум.
– Нека повелат и нека го урнат манастирот. Толку дивоградби има насекаде, цели градови се дивоградби, толку џамии има дивоградби, а сега ако дошло ред да се урива во манастирот, што да кажам друго. Нека повелат нека уриваат, изјавил владиката Тимотеј за Охрид 1.
Прашан дали сето ова има врска со неговите изјави контра плановите за градба на Субрата Рој, Тимотеј со потврден одговор.
– Да. Претпоставувам дека е тој, инаку кој друг би го правел ова. рекол Тимотеј.
Тој изјавил дека до него лично од општина Охрид не стигнал никаков документ поврзан со градбите во манастирот.
– Јас немам примено ништо и јас не сум поштар па да се интересирам за поштата. Дали нешто дошло до службите не сум запознаен – дециден е Тимотеј.
Општинските власти информираа дека официјално донеле решенија за уривање на според нив, нелегални објекти во комплексот Свети Наум.
Неодамна владиката за Дојче Веле изјави дека нема намера да даде „ни една педа земја од комплексот на Субрата Рој“, а потоа не се појави на фрлањето на крстот за Водици во Охрид на ист брод со премиерот Никола Груевски.




