Синодот одлуката да се укине користењето на социјалните мрежи ја донесе многу набрзина без да се елаборира. Во секој случај одлуката ќе биде коригирана наскоро со препорака, колку и како да се користат социјалните мрежи вели во интервју за Дојче Веле, владиката Тимотеј.
-Бев против таа одлука. Сметам дека тоа е современо постигнување кое што ако се користи исправно нема зијан, пример земете го ножот. Со него можете да презентирате цивилизирано и културно јадење, но со тој ист нож можете да се самоубиете или да убиете некој друг. Тоа не значи дека ножот треба да се исфрли од употреба затоа што може да предизвика одредени штетни последици. Така е и со современите достигнувања како интернетот и социјалните мрежи изјави владиката Тимотеј за Дојче Веле.
На прашањето, до каде е признавањето на МПЦ ОА од страна на Српската православна црква, Тимотеј одговори:
-Засега е статус кво. Српската православна црква постави услов – преговорите ќе отпочнат тогаш кога отец Враншковски ќе биде ослободен од затвор.
Владиката Тимотеј го повтори ставот дека ниту по една цена цркавата не би му дала ни педа од црковниот имот на индискиот бизнисмен Субрата Рој.
-Цврсто стојам на ставот дека црквата не е подготвена да отуѓува ниту педа од манастирскиот имот. Уште нема ништо, никој не не контактирал, никој не побарал имот.
Тој зборува и за расколот меѓу црковните општини во Австралија.
– Во туѓи работи не сум се мешал, ниту имам такви намери. Но, не се плашам доколку некој смета дека има потреба да се меша во моите работи. Нека повели ако има мегдан и поле. Црквата не е татковина ниту на митрополитот Петар, ниту на митрополитот Тимотеј. Австралискиот проблем е подолг. Постоеше и пред да бидам надлежен епархиски арихереј во Австралија. Проблемот кулминира и добива многу подраматични димензии со поделби, непријателства кои што се надвор од редот и поредокот на едно македонско ткиво, независно дали е црковно или национално. Кога би знел дека со моето одење во Австралија ќе се реши проблемот и да сум на смрттна постела би отишол да го решам. До овој миг не сум отишол бидејќи не гледам реален простор за мое делување во оние општини кои што се под мое раководство односно под Синодот, а јас пак експозиција на Синодот како администратор на тие општини кои што не се со официјалната австралиска епархија со која што администрира митрополитот Петар. Лично сметам дека разликите и поделбите и ставовите на едните кон другите со добра желба можат да се надминат –потенцира владиката Тимотеј во интервју за Дојче Веле




