Метју Нимиц следната недела се враќа во Атина и Скопје во нов обид да се најде компромис за прашањето за името на Македонија, пишува „То Вима“.
Според весникот, не се знае дали Нимиц во понеделник на средбата со шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос ќе донесе нов предлог или повторно ќе се разговара за стариот.
„Неодамнешната размена на писма меѓу македонскиот и грчкиот премиер покажа дека јазот меѓу двете страни останува длабок. Груевски сака да постигне политички дијалог преку средби на двајцата лидери, нешто што е неприфатливо за Атина“, пишува весникот.
Според агендата објавена на грчкото МНР, Нимиц во Атина на 9-ти септември во 13 часот по грчко време ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.
„То Вима“ потсетува дека последниот предлог „Горна Република Македонија“ беше одбиен од грчката страна затоа што Атина не прифаќа поставување геграфската одредница пред уставното уредување.




