ВМРО-ДПМНЕ ќе направи анализа за предлозите од опозицијата за изборниот законик, па ќе излеземе со конкретни ставови, рече министерот за здравство, Никола Тодоров, во својство на член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Првиот предлог на опозицијата е практично да се стопираат сите капитални инвестиции во државата за период од 3 до 4 месеци додека траат изборите и тоа може да предизвика сериозни штети во функционирањето на државата. По тој предлог ние земавме обврска да направиме детална анализа што ќе значи тоа за државата, што ќе значи за бруто домашниот производ, што ќе значи за вработеноста односно невработеноста, што ќе значи тоа за потрошувачката, компаниите и така натаму и дали со тоа ќе ја доведеме македонската економија на многу лоша состојба. Од тој аспект земав обврска ова да го анализираме детално, да не одиме само со предлози кои што можеби решаваат еден помал проблем, но креираат еден огромен проблем не само за државата туку и за сите граѓани. Затоа предложив за еден или два дена да направиме детални пресметки и практично да го аргументираме нашиот став со бројки, за да не дозволиме да се нанесе ненадоместлива штета на државата – рече Тодоров.




