Министерот Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО – ДПМНЕ денеска на прес-конференција изнесе нови документи, докази како што рече за непотизмот на фамилијата Заеви.
„Општина Струмица има склучувано договори со фирми кои се сопственост на потесното семејство на Зоран Заев“, истакна Тодоров.
– Фирмата Сара Јавор Инженеринг ДОО Струмица, чиј сопствениците се, внимавајте, Вице Заев, родениот брат на Зоран Заев и Горан Крстев, човек добро познат во Струмица и човек кој се појавува како сопственик, ко-сопственик или член на Управен одбор на уште неколку фирми и се смета за еден од најблиските бизнис партнери и соработници на Заев, склучува договор за јавна набавка на ден 28.02.2011 со Општина Струмица во вредност од 348.808 денари за тампонирање на паркинг простор пред Градската капела во Струмица.
– Значи, Општина Струмица со градоначалник Зоран Заев склучува договор со фирмата на неговиот роден брат Вице Заев, изнесе Тодоров.
Според него, ова е уште еден школски пример за грубо кршење и непочитување на законите од страна на Зоран Заев и Општина Струмица. Како да не Ви беа доволни околу 30 милиони денари народни пари префрлени на приватната сметка на Вашиот татко, па сега и уште дополнителни 348.808 денари на сметка на фирмата на вашиот брат, праша Тодоров.




