Македонски лекари кои работат во странство, односно во земји членки на ОЕЦД повеќе од пет години, да се вратат во Македонија, предвидува новата мерка на Министерството за здравство, соопшти на на прес-конференција министерот Никола Тодоров.
-Станува збор за мерка со која за првпат се овозможува ангажирање на наши еминентни и докажани лекари кои работат во странство, кои ќе имаат можност да бидат ангажирани во јавните здравствени установи во Република Македонија.
Се планира да бидат ангажирани истакнати доктори на медицина, специјалисти, односно супспецијалисти од државите членки на ОЕЦД или македонски државјани, кои работеле најмалку пет години непрекинато во здравствени установи, односно високообразовни установи од областа на медицината во државите членки на ОЕЦД, како и раководни лица од здравствени установи во државите членки на ОЕЦД, изјави Тодоров.
Тој очекува дека ќе има интерес и дека тоа е своевидно продолжување на проектот за преземање на врвни лекари специјалисти од приватното во јавното здравство.




