Дел од кадрите кои се од полна доверба на раководството функционираат по партиски линии, а „неподобните кадри“ во МНР се користат за колку-толку да ги покријат професионалните задачи, вели претседателот на Синдикатот на дипломатската служба Сашко Тодоровски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
„Во моментов мислам дека име едно двојство. Значи дел од кадрите кои се од полна доверба на раководството функционираат по тие партиски шавови, партиски линии, можеби една среќна околност е што има редица професионални задачи коишто не може баш секој да ги врши и автоматски и тие неподобните кадри можат да бидат употребени, односно да ги покријат тие професионални задачи.
Не можете да очекувате од еден човек кој никогаш немал контакт со дипломатијата да ги знае конзуларните функции или конзуларните услуги, па на тој начин ќе добиете известување дека ние во овој генерален конзулат не вршиме конзуларни услуги. Во секој случај, во моментов има 22, ако не се лажам, амбасадори кои немале никаква допирна точка со дипломатијата и автоматски тие не умеат да постапат по тие технички работи.“, изјави Тодоровски за РСЕ.




