Ден за честитки за македонскиот фудбалски репрезентативец, Александар Трајковски. Ги добива од сите страни и секаде. Сандачето на неговиот мобилен телефон е преполно, налозите на социјалните мрежи се оптоварени со максимум. А, има и зошто. Досегашниот крилен напаѓач на националниот тим и на Палермо се смести во нова средина во кариерата. Италијанскиот остров Сицилија го замени со шпанските Балеари каде, според договорот, треба да остане до 2023 година.
Александар Трајковски од денеска е нов член на тимот на Мајорка, повратник во шпанска Примера. Потпиша договор на четири години и стана втор македонски фудбалер во конкуренцијата во која главниот збор го имаат Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Севилја, Валенсија, итн. по Енис Барди кој одлично се снајде и вклопи во Леванте.
„Среќен сум што станав дел од овој клуб и проект. Се надевам дека ќе бидам успешен и ќе имам добра сезона. Форца Мајорка“, објави македонскиот репрезентативец на Фејсбук.
Во Шпанија пристигна од Италија каде, како што објави, минал четири незаборавни години во Палермо. Трајковски е дете на Цементарница 55. Од поранешниот лигаш во Кисела Вода замина во Интер Запрешиќ каде се задржа една сезона (2010/11), потоа четири мина во Зулте Варегем (2011/15) и четири од предвидените пет во Палермо (2015/19). Во меѓувреме беше трансферна цел на Динамо Загреб и на Андерлехт, беше на проба и во Челзи за кој настапи и на пријателски турнир „Куп на Амстердам“ за фудбалери до 19 години и постигна гол против Ботафого.
Добрите клупски партии беа препорака за него да добие повик и во македонската репрезентација во чиј дрес дебитира во 2011 година, а во 2015 година беше прогласен и за фудбалер на година во традиционалниот избор на најдобрите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).