Ден пресликан како вчерашниот. Во Кривичниот суд поради оставката на поротничката требаше од почеток да стартува судењето за случајот “ТНТ”, но во судница како и вчера, не се појави обвинетиот Тони Трајковски, поранешен градоначалник на Гази Баба. Веројатно така нема да биде и утре бидејќи судијата Огнен Ставрев кој го одложи денешното рочиште, нареди Трајковски утре присилно да се донесе во судот. За во иднина најави дека ќе има драстични мерки, доколку избегнува да се појави на рочиште.
Адвокат на Трајковски, Јовица Страшевски, рече дека неговиот клиент не добил покана, а судијата рече дека за судот Трајковски уредно е повикан. Судскиот курир бил пред неговиот дом, но никој не му отворил. На местото на поротничката која си даде оставка е поставена нова поротничка, а назначен е и заменски поротник.