Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој би се вовеле санкции за сите земји кои тргуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да се однесуваат и на Иран, клучен воен сојузник на Москва.
Секоја земја што тргува со Русија ќе биде многу строго санкционирана, изјави Трамп пред новинарите во Палм Бич, Флорида.
Предложената мерка е директно насочена кон Кина и Индија, како најголеми купувачи на руска енергија, пренесе „Бизнис Стандард“.
– Републиканците воведуваат многу строги закони, со кои се воведуваат санкции и слично за секоја земја што соработува со Русија. Можеби ќе го додадеме Иран на листата, тоа го предложив, рече Трамп додека разговараше со новинарите. Секоја земја што соработува со Русија ќе биде санкционирана многу строги, потенцираше американскиот претседател.
Најавениот закон се надоврзува на низата акции што администрацијата на Трамп ги презеде во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон двете најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“ – заедно со нивните подружници.
Станува збор за т.н. „Закон за санкционирање на Русија од 2025 година“ (Sanctioning Russia Act of 2025), предводен од републиканскиот сенатор Линдзи Грем. Овој закон би му дал широки овластувања на претседателот да наметне царини до 500 отсто на увозот од земјите што купуваат руска енергија (нафта, гас, ураниум), а не ја поддржуваат Украина, пренесува ЊузБајтс“ (NewsBytes).

