Почина 66 годишната пациентка од Дебар која подолго време беше приклучена на респиратор. И покрај сите напори на лекарите, за жал, заболената од коронавирусот почина пред неколку часа. Во нејзината историја е забележано дека прима хронична терапија за хипертензија, потврди на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Нови 29 случаи на коронавирус се регистрирани во изминатите 24 часа во земјата. Пет лица од нив, информираше Филипче, се здравствени работници од Клиниката за кожни болести. Како што кажа тој, сите иако го поминале инкубацискиот период без симптоми, нивните тестови покажале позитивен наод на вирусот. Филипче појасни дека сите се во домашна изолација и се во добра општа состојба.
Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 177 лица од кои еден е излекуван и двајца се починати пациенти. Новите дијагностицирани се во следните градови: Скопје (20), Куманово (3), Велес (3), Прилеп (2) и Дебар (1).
На инфективна клиника, посочи Филипче, биле направени контролни тестови и на четворица пациенти кои подолго се лекуваат таму. Тие се негативни. Троца се во значајно добра состојба. Ќе им биде направен уште еден тест, ако и тој е негативен тие ќе одат на домашно лекување.




