Пишува: Џабир Дерала

Протагонистите се неспоредливо различни според пропорциите и штетата што ја предизвикуваат, но ги поврзува едно нешто. Читајте до крај.

Владимир Путин, Русија

Го негира постоењето на Украина, украинскиот национален идентитет, историја и јазик. Тврди дека Украина ја водат нацисти, иако и самиот претседател Володимир Зеленски има еврејско потекло, а неонацистите во земјата се помалобројни и немаат никакво политичко влијание, за разлика од ситуацијата во други земји, како што е Русија, на пример. Путин тврди дека води „специјална операција“ за ослободување на Украина. Само една од ноторните лаги (дезинформации) на неговата пропаганда е упорното тврдење дека САД имаат лаборатории за биолошко оружје во Украина.

Истовремено, неговата војска спроведува невиден терор, со грабеж и уништување на цивилни цели. За шест месеци светот посведочи на илјадници воени злосторства, раселување, тортура и масакр на цивили и силување на жени и деца.

Освен воена, води и една од најголемите машинерии за дезинформации во историјата. Ќе остане запаметен како еден од најкрволочните лидери во човековата историја.

Доналд Трамп, САД

Против Трамп се водат повеќе истраги. Поттикнување и организирање на државен удар (6 јануари 2021), опструкција на правдата, уништување или прикривање на записи „со намера да се попречи или да се влијае“ врз активноста на федералната влада, кршење на Законот за шпионажа, даночна евазија. И низа други.

Познато е дека не го крие своето восхитување од Путин. Дојде на власт во 2016 година под крајно сомнителни околности, но ја блокираше истрагата на агенциите за безбедност за странско влијание врз изборниот процес.

Изборите во 2020 година, организирани за време на владеењето на неговата администрација, ги нарече изборна кражба, без ниту еден доказ, а се обиде по пат на насилство да ја спречи транзицијата на власта. Сите контроверзии поврзани со неговото дејствување како политичар кој стана познат по ширењето дезинформации и говор на омразата, не му пречат својот политички ривал, претседателот Бајден, да го нарече „непријател на државата“. ФБИ и министерството за права ги нарече „злокобни монструми“.

Опозиција и „неутралци“, Северна Македонија

Тврдат дека ја поддржуваат евроатлантската интеграција, но со сите свои постапки и политичко дејствување покажуваат само дека се антизападни и проруски структури. Интензитетот на сите дезинформации со кои се служат е пропорционален на интензитетот на национализмот што го промовираат и практикуваат секогаш кога можат. Брзината со која преминуваат од латентен до ултра национализам повеќекратно ја надминува брзината на звукот.

Во време на светска воена, економска и енергетска криза, суша, недостаток од храна и климатски промени, ја обвинуваат власта за покачување на цената на електричната енергија. Актуелен пример, „невин“ во споредба со неброени други: Ја обвинуваат власта дека трошела „народни“ пари за саемот на виното (Отворен Балкан). На саемот учествуваа 400 винопроизводители од 22 земји во светот (47 од Северна Македонија). Одлична можност за промоција на македонското производство, туризам, култура…

*

Во сите три приказни може да се набројуваат многу случки и примери за тоа дека најгласни се токму оние чиј кредибилитет е разнишан или целосно изгубен.

Значењето на поимот кредибилитет

Според Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик, кредибилитет е „особина на тој што има, што заслужува доверба“.

Етимолошкиот речник на англиски, поимот кредибилно го дефинира како нешто „веродостојно, достојно за верување, на кое може да му се верува, што не вклучува невозможност; со позната или очигледна вистинитост или компетентност“. Со ова значење се среќава во литературата во доцниот 14 век и потекнува од латинскиот збор credibilis „достоен да се верува“, од credere „да се верува“ (кредо).

*

Овие белешки се напишани рано наутро на 5 септември 2022, пред самиот почеток на работната недела и на почетокот на учебната година. Одличен повод да се прогласи и почеток за оние што сакаат да го осознаат светот таков каков што е, а не таков каков што оние без кредибилитет сакаат да го претстават. Зошто да го чекаме следниот понеделник или следната учебна година. Може и сега.

Извор: civilmedia.mk