Железници на РСМ Транспорт пушти во сообраќај три нови електрични локомотиви во вредност од 6.414.000 евра, набавени од кинески ЦРРЦ. Со испораката целосно се реализира Договорот за набавка на четири електролокомотиви од кинеската компанија, во вкупна вредност од  8.678.600 евра.

Од Железници Транспорт велат дека со пристигнувањето на новите електролокомотиви, се заокружува Проектот за ревитализација на возниот парк и оти тоа претставува големо задоволство за нив имајќи предвид дека последните локомотиви кои се купени датираат пред 45 години, во далечната 1975 година.

„Освен што ќе го зајакнат транспортниот капацитет на железницата и значително ќе ги намалат трошоците за одржување ќе дадат голем придонес и кон домашната економија и зачувување на животната средина“, изјави директорот на Железници на РСМ Транспорт Орхан Муртезани.

Како што потенцираат од Железници на РСМ, електролокомотивите се изработени согласно со најстрогите европски директиви, критериуми и стандарди и ќе овозможат поквалитетен, побрз и побезбеден железнички превоз на пругите на територијата на нашата држава.