Синоќа во драмскиот театар Гавела во Загреб, премиерно беше изведена претставата„Три сестри“од Антон Павлович Чехов, која на сцената ја постави познатиот македонски режисер Слободан Унковски.
-Режисерот и глумците се согласија во едно, да направат претстава за тоа како времето ги меле луѓето и колку е комплицирано да се живее. Слободан Унковски многу добро покажа како јунаците од ова дело стануваат трагикомични, кога стануваат свесни за одминувањето на својот живот, особено во делот кога трите сестри и сите околу нив ќе ги фатат последните моменти од забавата„Во Москва, во Москва!“Тоа е крик во кој сите се во некој вид месијанско очекување, но таа за нив ќе остане недостижен сон, вели Гордана Остовиќ, театарска критичарка, на Хрватското радио.
Резултат од тричасовната претстава е громогласното ракоплескање во салата, пишуваат хрватските медиуми кои изведбата ја оценија како „маестрална“. Главните улоги ги толкуваат Озрен Грабариќ, Ранко Зидариќ, Филип Шоваговиќ, Јелена Михољевиќ, Дијана Видушин и многу други.




