Три српски и еден македонски хеликоптер полетаа од скопскиот аеродром кон пехчевскиот регион, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

Тој на Фејсбук објави дека вкупно пет хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во овој регион.

– По извршеното изведување од страна на посадата на нашиот армиски хеликоптер, во овој момент полетуваат трите српски и уште еден наш хеликоптер. Вкупно пет хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар. Се наоѓам во еден од хеликоптерите, за околу половина час, доколку мрежата е добра, ќе се обидам да се вклучам на ФБ во живо за да ви овозможам да погледнете како изгледа местото на пожарот и процесот на гаснење од воздух, напиша Ангелов.

Огнената стихија се уште ги става во опасност мештаните од селата Умлена и Робово кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина.

Александар Мачевски, жител на Робово, утрово информира дека најкритична сеуште е ситуацијата кај Умлена каде во текот на ноќта пожарот се гаснеше интензивно и посочува дека тој е се поблизу.

– Утрово имаше хеликоптер во извидница, очекуваме наскоро да дојдат други хеликоптери и да почне да се гаси огнот. Голем број од мештаните синоќа беа на првата линија, заедно со Армијата и од утрово помагаа. Да се надеваме дека ситуацијата денес ќе биде подобра, изјави Мачевски.
Во гаснењето од вчера се вклучи и тимот од 25 пожарникари од Бугарија. Комесарот на единицата од Благоевград, Георги Пармаков информираше дека веднаш по пристигнувањето им биле доделени задачи и дејствувале на поголем простор во Пехчевско до доцна во ноќта, а продолжуваат да пружаат помош и од утрово.
Од полицијата информираа дека по стабилизирањето на ситуацијата е пуштен за сообраќај и патот Делчево – Пехчево – Берово, кој синоќа поради алармантната состојба беше пренасочуван преку алтернативни патни правци.
-Патот е пуштен за сообраќај и возилата кои се движат на овој патен правец не се задржувани. Од она што можеме да го кажеме засега ситуацијата е помирна, велат од полицијата.
Последните информации околу вториот пожар кај маалото Пасјак, во делчевското село Нов Истевник говорат дека истиот е под контрола. Во гаснењето на пожарот синоќа кај Пасјак беа ангажирани 2 возила и 40 луѓе кои дежураа цо текот на ноќта.