Деведесет и шест случаи со ковид-19 се регистрирани во изминатите три дена (24-26 септември) од кои 19 се реинфекции, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), нови случаи се потврдени од 962 направени тестови. Од вкупниот број, 66 се регистрирани во Скопје, пет во Куманово, четири во Велес, по три нови случаи има во Прилеп, во Тетово, во Кавадарци, во Охрид и во Кичево, по два во Битола и во Штип и по еден во Гевгелија и во Неготино.

Во текот на изминатите три дена починал 87-годишен пациент од Скопје.

Согласно Регистарот на починати лица со дијагноза ковид-19 од „Мој термин“, пријавени се три починати лица – две од Скопје (91 год. и 89 год.) и едно од Кавадарци (71 год.).

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 342.615 од направени 2.166.641 тестирање. Оздравени пациенти се 332.710, починати 9.531, а активни случаи има 374.