Канадскиот премиер Џастин Трудо го отпушти амбасадорот на Канада во Кина, Џон МекКалум, по неговите коментари поврзани со случајот за екстрадиција за извршниот директор на кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“.
Трудо во изјавата до медиумите напиша дека го замолил Џон МекКалум да се повлече, но не наведе поради која причина. Тој му се заблагодари на дипломатот за неговата служба.
Притворањето на Менг Ванжу, на барање на САД, ја налути Кина и ги заостри односите на Канада со Пекинг.
Менг, која е главен финансиски директор и ќерка на основачот на „Хуавеј“ е обвинета од страна на САД за непочитување на санкциите за Иран. И таа и „Хуавеј“ ги негираат овие обвинувања.
МекКалум предизвика реакции во јавноста кога јавно кажа дека барањето на САД за екстрадиција на Менг има сериозни недостатоци. Наредниот ден објави соопштение во кое напиша дека погрешил и дека жали што неговите коментари предизвикале конфузија.

Менг беше уапсена на 1 декември во Ванкувер на барање на САД. Со кауција од 5 милиони долари, таа го напушти Судот, но е под 24 часовен надзор .
Вашингтон има 60 дена да поднесе официјално барање за екстрадиција и краен рок е до 30 јануари.
Министерството за надворешни работи на Кина ги повика американските официјални претставници да го повлечат барањето за апсење и да не поднесуваат барање за екстрадиција.
Претходно овој месец, Канаѓанец беше осуден на смрт во Кина откако Судот одлучи дека затворскиот казна од 15 години на која што бил осуден е премногу блага.
Двајца други Канаѓани беа уапсени по притворањето на Менг.
Некои кинески аналитичари сметаат дека апсењата биле одговор на нејзиното притворање, пренесе ББС.




