Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Ја гледав емисијата за Царот Самоил и неговите ќорави и сакати овци.

Ошишани и измолзени.

Кротки.

Убава програма.

Лежерен цар.

Кој соопшти дека битката на Беласица, сосе пљачката, убиствата, шишањата и молзењата, не била битка со Византијците на Василиј, туку интерна битка која била организирана како подготовка на ријалити програмата која ќе ни покаже (урби ет орби) дека во спорот со Бугарите околу тоа чиј цар бил царот на ќоравите овци, Македонците се во право, бидејќи нивниот цар Самоил е жив и кур не го боле.

Не знам дали можеме во согласност со царот, се разбира, да му закачиме две-три камери и неколку микрофона и да го замолиме неговиот живот да оди како програма под насловот „24 часа со Самоил“.

Ози Озборн од Македонија.

Или Ким Курташакијан.

Мене, како и сите, претпоставувам, ќе нѐ возбуди да видиме каква била бојата на вреќите во кои му се носени парите на првиот вморонски премиер, како Царот му го забил мечот во стомакот на Гркот кој сакал да му даде некое евро за да си купи тулумби, а овој да му ја даде Стопанска банка, колку коња имало жолтото комбе со кое вториот вморонски премиер шетал по Водно и бирал плацеви уште пред да го порача првото кафе во премиерскиот кабинет, како Бугарите во раководството на вмро-дпмне ја демонтирале државата без алат, сѐ рачно, жива мака, дали Љупчо станал за десет пати побогат од Царот постепено или одеднаш, како Јаковлевски ја купил планината Водно и кому сѐ ја раздавал, дали само Змејко е простак кој во јавноста изградил имиџ на голем организатор и патриот или сите се такви, со исклучок на царот, нормално, дали има повеќе од тројца што не биле инсталации на службите и така натаму, а може и наваму.

Најсилен впечаток ми оставија две некако поврзани работи: отсуството на секаков стил, како да сакале со инфантилноста на своите подвизи да ја зголемат вредноста на пљачката и општата деструкција и да ја зголемат маката на овците кога еден ден ќе се свестат што им се случило и, второ, идејата за озабавување на битката на Беласица, тонот како на Никола Автовски од „Сто и една приказна“, прикажувањето на злото како збирка возбудливи моменти на приказната после кои јагнињата полесно заспиваат.

Чичкото на Самоил бил прв соработник на Иван, па уште бил прогонуван од Удба, не кажувал дека е Бугарин, ама здивот и прдежот му имале нотка на масло од бугарски рози, сѐ спакувано не за да се нагласи македонството, туку да му се даде сирупче за смирување итн.

Во продолжение би можеле да гледаме: Три месеци за подвизите на Орце, од кај му се парите, колку пари има, кај ги чува, дава ли на сиромасите, колку му дал на Кикифрики, а за Сашо шест месеци со истите содржини само малку повозбудливи.

И на крајот, главната поента: Индивидуализација на вината на вмро во Љупчо и во ебиветрите околу него и втемелување на злото во сдсм.

Парите, порача Царот, да си ги барате од сдсм.

Преку приватизацијата сдсм им го дал народниот имот на олигарсите, а мајсторите на вмро само ги опљачкале опљачканите пари што ги затекнале на олигархиските сметки, така што на некој начин тие се херои одмаздници, исто како кога на времето комитите ги пљачкале турските карвани.

Ето.

Бат, Дет ис нот ол фолкс.

Обвинителството е во ремонт.

Државата е доволно ослабната за да пушти без надомест да прават во неа и од неа шоу тие кои ѝ ги скршија нозете и ѝ ги извадија очите.

Или рентирани и солидно платени, будали: сотири, ристовци, пандовци…

Инсталации, лопови, хохштаплери, будали, но само на прв поглед оставени така да собираат пари и други имоти.

Големиот брат односно големата идеја беше и е смислена и систематска економска декапацитација и историска и национална десубјективизација на Македонија, царот Самоил и неговите овци беа и се материјална сила на таа операција, нејзините вистински димензии и идеи се на друго место. Вмро е за Македонија тоа што е руската идеја и агресија врз Украина. Одмазда за Македонија како државна и национална реализација на македонскиот народ. Која мора да се „денацифицира“, Медведев би рекол, да се избрише од лицето на земјата.

Како кокошка на која смртта ѝ се гледа пријатна.

Велат: добра емисија.

Јас велам: нова доза солна киселина врз македонското говно залепено на тоалетната чинија на историјата.

Читајќи ги дневниците и белешките на Сузан Сонтаг дојдов до потврда на некои ставови во врска со улогата на интелектуалците во оваа смртоносна операција.

Еве, некои благо адаптирани, да не речам, македонизирани парчиња:

Интелектуалците си играат крстоносци и револуционери само за да откријат дека и понатаму се патриции и либерали. Дури и овие од Женскиот оркестар на уким и ману се тоа, да не зборуваме за самопосматрањето на разни софии, ани и други банани од левиот спектар.

Како клинци се, кои си играат урбана герила и се задоволуваат со тоа да бидат мангупи.

И мангупки.

Тоа е скршеното крило на сдсм.

И на шарената револуција.

Не сакаат да излезат од сдсм, ниту да влезат во вмро.

И затоа би да излезат од либерализмот.

Хахаха!

Или така некако.

Некаква револуција им се мота во главите.

Обаче, „Либерализмот“ делува како пространо, опскурно мочуриште од кое никогаш не може да се излезе колку и човек да се труди – а можеби никогаш не би ниту требало.

Вели Сонтаг.

А велам и јас.

Тоа е портрет на разочараните, не?

Мислам, многу верен на моделот.

Да се биде интелектуалец, вели Сонтаг, значи да се биде приврзан за суштинската вредност на плурализмот и правото на критички простор (просторот за критичка опозиција во рамките на општеството). Според тоа, да се биде интелектуалец кој подржува некое револуционерно движење, значи да се согласиш со сопственото укинување.

Тоа е, драги мои разочарани левичари.

Вие не се борите против владата и сдсм, макар што така тоа ви изгледа, туку против себе.

И против Македонија, бидејќи само вие сте, сепак, мал влог во борбата.

Кога фокусот на политичката активност беше спротивставувањето на владата на киднапираната држава – улогата на политички противник беше исправна, всушност, неминовна, за оние со малку совест.

Така беше, се сеќавате, не?

Но, потоа се случи злоупотреба на идејата за ослободувањето.

Од страна на тие што во првата битка беа поразени.

Злото стана носител на идејата за ослободувањето.

А интелектуалците, за кои тука говориме им се придружија со алиби паролата дека  „сите се исти“ и дека е нормално да бидат против власта, а не против опозицијата.

Лигаво и смрдливо оправдување.

Јас сѐ уште се надевам дека мнозинството интелектуалци не сакаат да одат толку далеку и дека ќе се повлечат од револуционерните сопатништва.

Јас сум како Сонтаг: Никогаш не сум се поистоветувал со политиката на контракултурата и со нивните претензии на револуционерен потенцијал.

Политичката грешка на новата левица околу 1967 беше што мислеше дека можат да се измислат нови гестови, стилови, облека, навики кои ќе повлечат линија меѓу луѓето. На пример, долга коса, накит Навахо, здрава храна, дрога, ѕвонарки.

Денеска таа грешка е идејата за помирувањето и инсистирањето на нормалноста на нормален начин. Недоволно атрактивен. Начин во кој нормалноста станува банална и одбивна. Досадна. Но, разигрувањето е работа на интелектуалците. Наместо да се плеткаат со злото. Овој пристап не е против борбата против сдсм. Обратно, само тој пристап ќе нѐ однесе во простор во кој таа битка ќе биде нормална и пожелна, продуктивна, заедно со сменливоста на власта.

Тоа е.

Извор Фронтлајн