Ние како Министерство за труд и социјална политика како досега, така и отсега активно ќе се бориме да ги изедначиме правата на сите граѓани како и на ЛГБТИ заедницата во нашата држава – изјави министерката Мила Царовска.
Додека Законот за спречување и заштита од дискриминација е закочен во собраниската процедура, министерката Мила Царовска не се откажува од борбата за изедначување на правата на сите граѓани во нашата држава.
Откако пратеникот Влатко Ѓорчев кој е претседател на Комисијата за труд и социјална политика, надлежноста за водење на Комисијата ја префрли на заменичката Весна Пемова, Законот за спречување и заштита од дискриминација се уште не е ставен на дневен ред.
Пратеничката Пемова, за Нова ТВ изјави дека поради семејни причини не можела да биде присутна денеска на своето работно место во Собранието на Република Македонија.

Од неа зависи, кога по овој Закон ќе почне да се расправа од собраниската Комисија за труд и социјална политика, а потоа и да биде изнесен на гласање од пратениците на пленарна седница.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур неодамна пресуди во корист на трансродовото лице „Икс“ кое ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и на неефикасен правен лек во земјата.
Судот ја уважи тужбата врз основа на членот осум на Конвенцијата за човекови права што се однесува на повреда на правото на приватност и изрече казна од девет илјади евра нематеријална штета која државата ќе треба да му ги исплати на лицето „Икс“ поради претрпен стрес.
Адвокатката на Икс, Наташа Бошкова, вели дека преку ратификацијата на меѓунардните договори од страна на Македонија, како и во процесот на усoгласување на националното законодавство со европското, се забележува подобрување на законската рамка во однос на родовите прашања.
– Секако,потребни се уште дополнувања, појаснувањa и осовременување на законите со меѓународните стандарди. Се уште законите не обезбедуваат родова еднаквост во сите области. Имено, законите со кои треба да се промовира родовата еднаквост или да обезбедат заштита на жените од насилство, дискриминација не ги препознаваат интерсекциските фактори што влијаат врз жените и им го отежнува нивнит пристап до правдата. Меѓу другото, ова се однесува и на трансродовите луѓе кои се отсутни од законите. Неодамна, Кривичниот Законик беше дополнет со дефиниција за дело од омраза каде родовиот идентитет е основа која може да биде мотив за извршување на кривично дело. Исто така, Законот за аудио и аудиовизуелни услуги е дополнет во делот на посебни забрани за емитување на програми со кои се поттикнува омраза, нетрпеливост и дискриминација врз основа на родовиот идентитет. Ова не е доволно за да се обезбеди ефикасна заштита на правата на една од најмаргинализираните заедници- транс луѓето. Всушност пресудата на ЕСЧП најдобро ја илустрира состојбата со законската рамка во врска со трансродовите луѓе. Во пресудата, судот укажува на празнините, јазовите и сериозните недостатоци кои го довеле конкретното транс лице, но се разбира и останатите транс луѓе, во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет – вели Бошкова.
Според Бошкова постоењето на законска рамка е само еден сегмент, додека многу позначајна е праксата и начинот на кој законите се спроведуваат.
– Имено, ЕСЧП потенцира дека во Македонија отсуствува закон, но и значајна пракса за правно признавање на родот. Она што е проблематично е произволното толкување и применување на постојните одредби што резулитраа со различни одлуки во исти или слични ситуации. Повеќето од нас се сеќаваат на двете пресуди на Управниот суд од 2017 година со кои се овозможи правно признавање на родот на две транс жени. Во меѓувреме, управата за водење на матичните книги во повеќе случаи донесе одлуки со кои се прогласи за ненадлежна да одлучува за ова прашање. Во однос на судската заштита треба да сме свесни дека сé уште има судии што се исмеваат со родовиот идентитет на луѓето кои се обратиле токму во судовите да побараат заштита на нивните права. Досега, благодарение на судечкиот совет во Управниот Суд што ги донесе пресудите во 2017 година може да кажеме дека сепак има судии кои и во отсуство на јасен закон ја применија праксата не ЕСЧП и донесоа историски одлуки – вели Бошкова.
Икс вели дека е цврсто уверен дека како и сите други граѓани, има право на лични документи кои го одразуваат неговиот идентитет, и дека со тоа треба да добие еднаков пристап до сите права, добра и услуги, за да може да живее нормален, квалитетен живот.
– Треба да имам секојдневие без потсмев, без објаснувања пред цела чекална, без дискриминација, без навреди, без бркање. Никој на светов не може да ме убеди дека не го заслужувам тоа како и секој друг човек. Зад тоа стојам толку цврсто што ниту една институција нема да застане на мојот пат. Случајот ќе се реши, закон ќе се донесе и праксата ќе се воспостави – вели Икс.
Министерката Царовска вели дека ја радува тоа што новиот закон за недискриминација е усогласен со европското законодавство.
– Новиот закон за недискриминација е целосно усогласен со европското законодавство, со сите меѓународни документи кои Македонија ги ратификувала и потпишала, и со тоа очекувам Парламентот со еден национален концензус да се согласи дека Македонија треба активно со еден современ закон да се бори против дискриминацијата во нашата држава, вклучително и кај лицата кои што се трансродови, со различна сексуална ориентација, родов идентитет и така натаму.
Самиот закон не се однесува само на оваа група, се однесува воопшто на подобрување на нашето општество и многу е важно што Комисијата за заштита од дискриминација конечно станува професионална со луѓе кои што ќе треба да имаат искуство во својата област, но исто така ќе имаме прекршочни одредби кои што директно ќе се водат. Дополнително ќе има една институционална меморија, една група експерти или комисионери ќе се бираат за три години, другата за пет, со цел да имаме продолжение, да немаме драстични промени во одлуките. Имаме буџет оваа година за Комисијата да функционира, затоа што знаеме без пари не може да функционира ништо. И со тоа очекувам да се позиционираме како држава и ние како нова Влада активно во борбата против дискриминацијата во нашата држава – вели Царовска. Царовска по однос на пресудата смета дека таа е соодветна и дека ние треба да ја почитуваме, и да видиме какви други прилагодувања треба да направиме.
Царовска е оптимист и очекува дека овој закон многу набрзо ќе биде изгласан.
– Кога ќе помине тој Закон, тогаш треба да се разгледуваат другите опции за како овие лица да го остварат својот идентитет во нашата држава. Тоа се закони кои што се во надлежност на Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Сметам дека како Влада ние немаме проблем со разрешување на сите овие бариери кои што постојат во законите, посебно кога имаме веќе пресуди кои што граѓаните ги добиле против нашата држава, и со тоа ние немаме друг избор освен да го осовремениме нашето законодавство и да го осовремениме нашето општество – вели Царовска.
На прашањето дали таа би се појавила на парада на гордоста во Скопје, вели дека не е важно дали министерката ќе се појави на геј парада, туку многу поважно е кои политики во својот мандат по однос на изедначување на правата на граѓаните ќе ги донесе и ќе ги спроведе во пракса.
– Ние како Министерство како досега, така и отсега, активно ќе се бориме да ги изедначиме правата на сите граѓани како и на ЛГБТИ заедницата во нашата држава – заклучува Царовска.