Кампањата #Сегакажувам#TaniTregoj експресно ја доби поддршката на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Само еден ден од стартот на кампањата, ова министерство реагираше со поддршка за “сите храбри жени кои јавно ги споделуваат своите искуства и трауми” како што стоеше во соопштението.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) потсети на неодамнешната ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како Истанбулска Конвенција.
НОВА сакаше да дознае повеќе за оваа поддршка и што конкретно оваа институција и Владата можат и сакаат да направат за да се стави крај на родовото насилство и сексуалното вознемирување. Министерката Мила Царовска одговори на нашите прашања.
Дали имаме закон против сексуално насилство и злоупотреба? Кои од различните форми на сексуално насилство се регулирани во националното законодавство ?
МТСП започнува да работи на нов закон за родово базирано насилство (согласно со преземените обврски со ратификацијата на Истанбулската конвенција) и очекуваме истиот да биде донесен до крајот на 2018 година. Во моментов, сексуалното насилство е инкриминирано во кривичните дела од Глава XIX од Кривичниот законик – Кривични дела против половата слобода и половиот морал. Суштинска новина која произлегува од Конвенцијата во однос на кривичното дело силување е отсуството на согласност. Во моментов, македонскиот Кривичен законик (КЗ) подразбира само употреба на сила или закана. Значи, имплементирањето на Конвенцијата ќе произведе измена на членот 186 од КЗ, „Силување”, ќе се воведат нови кривични дела и ќе се инкриминира сексуалното вознемирување.
Во соопштението на Министерството се вели дека со Конвенцијата од Истанбул “државата презеде обврска да ги третира сите форми на насилство врз жената, да презема мерки за заштита на жртвите и за санкционирање на насилниците”. Конкретно што тоа значи? Имаме ли институционален механизам за таа цел?
Како што напоменав во одговорот на првото прашање, со донесување на закон за родово базирано насилство, ќе се воведат нови кривични дела во однос на формите на насилство врз жените. Тоа ќе биде вистински чекор напред кон препознавање и третирање на сите форми на насилство врз жените. Понатаму, со подобра координација на ресорите, ние веќе започнавме со унапредување на системот за заштита на жртвите преку поддршка на сервиси како СОС линија, кризен центар (24-48 часа интервентно сместување на жртви) и засолниште (сместување до 6 месеци). Дополнително, МТСП во соработка со Министерството за здравство и Програмата на Обединетите Нации за развој (УНДП) започна со воспоставување на првиот Центар за жртви на сексуално насилство во Скопје (во надлежност на МТСП) како и три пилот – центри за упатување на жртвите на сексуално насилство (во надлежност на Министерството за здравство) лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово. Паралелно се развиваат и протоколи за функционирање на овие центри.
Што нуди системот на социјална заштита за жртвите? Има ли телефонски број, центар, институција каде што може да се пријави сексуално насилство? Како да се информираат граѓаните за пријавување на сексуално насилство?
Како и секоја друга форма на насилство, и случаите на сексуално насилство се пријавуваат во Министерстото за внатрешни работи (МВР).
Согласно своите надлежности во моментов, МТСП постапува преку центрите за социјална работа (ЦСР), a постапката ја започнува по добиено сознание, по службена должност, по барање на жртвата, по пријава од физичко лице, службено лице, институција и здружение. ЦСР е должен да започне постапка веднаш а најдоцна до 24 часа од добиеното сознание да преземе мерки за заштита на жртвата (обезбедување на сместување, здравствена заштита, психосoцијален третман итн). Би сакала исто така да напоменам дека Националната СОС линија е сервис кој функционира. Сепак, тој е пред се’ наменет за жртви на семејно насилство, со што и понатаму останува потребата од јакнење на капацитетите за поддршка на жртвите од сите форми на сексуално насилство.
Зошто државата чекаше граѓанска иницијатива за да се одлучи да го зајакне институционалниот капацитет за пријавување на вакви случаи?
Ратификацијата на Истанбулската конвенција се случи во декември 2017 година. Со самото добивање на мандатот, започнавме со интензивна подготовка на релевантните ресорни институции за имплементација на Истанбулската конвенција. Toa значи дека активно и посветено развиваме систем за справување со насилството врз жените и девојчињата и исполнување на стандардите на Конвенцијата за ефективно обезбедување на соодветни услуги, како и воведување поригорозни основи за постапување.
Ние ја поддржавме кампањата ,,Сега кажувам’’ затоа што ваквите иницијативи се исклучително важни за подигнување на свеста кај пошироката јавност и за охрабрување на жртвите на сексуално насилство и вознемирување. Но тоа не значи дека ние дури сега сме одлучиле да се посветиме на оној сегмент за кој што сме директно надлежни – јакнење на инстуитуционалниот капацитет.
Како институциите да се справат со обвинувањата против моќни, познати личности или политичари доколку дојде до такви пријави?
Владеењето на правото подразбира дека сите сме еднакви пред законот и тоа значи дека никој не смее да биде изземен од одговорност за своите постапки, без оглед на неговата позиција во општеството. Преку вакви интензивни кампањи за подигнување на свеста, сите ние треба да ја сведеме на минимум нашата толеранција кон овој тип на однесување и со тоа да превенираме идни случаи.
Постои ли координација помеѓу министерствата засегнати од оваа проблематика? Ако постои, дали таа е поттикната од граѓанската иницијатива или постоела и порано?
Националното координативно тело против семејно насилство, формирано со решение на Владата на Република Македонија, со кое претседава МТСП, има главна улога во координацијата на институциите и организациите и е од суштинско значење за доследно спроведување на обврските кои Република Македонија ги презеде со ратификацијата на Конвенцијата.
Во септември 2017, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство иницираа отварање на три Кризни центри против силување кои ќе бидат лоцирани во Гинеколошко – акушерските клиники во Скопје, Куманово и Тетово, како и отварање на Центар за жртви на сексуално насилство со капацитет од 10 кревети – тоа се единствените сервиси.
Во тек е изработка на стандардни процедури и протоколи за постапување. Заедно со МВР работиме на воспоставување на мобилни тимови кои ќе работат на идентификација, заштита и упатување на жртви на трговијата со луѓе.
МТСП исто така го координира процесот на изработка на Акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција за што е формирана и работна група каде има претставници од сите релевантни институции, како и граѓански организации кои работат на проблематиката. Соработката секако дека треба да се унапреди и ние во изминатите месеци работиме интензивно на тоа, за што имаме поддршка од целата Влада.
Имаме ли статистики за сексуално насилство?
Во однос на податоци, МТСП располага со информации за пријавено сексуално насилство во случај на семејно насилство. Во 2017 година биле пријавени 12 жртви, но, за жал, бројот на непријавени случаи е далеку повисок. МВР располага со посеопфатна статистика за пријавени случаи, но верувам дека и таа бројка не ги одразува вистинските димензии на насилството во нашето општество.
Сексуалното насилство е едно од секојдневните форми на насилство во Македонија, но во исто време и едно од најмалку пријавуваните. Причините за непријавување се најразлични, започнувајќи од конзервативноста и патријархалноста на општеството, каде женската сексуалност се смета за неморална, а во исто време на телото на жената се гледа како на сексуален објект во сопственост на мажите, до непрепознавање на различните форми на сексуално насилство и недоволниот број законски одредби со кои тие се санкционираат.
Унапредување на системот на прибирање податоци е еден од главните предизвици со кои се соочуваме и на што ќе мора да работиме во наредниот период.
Се работи ли на сензибилизација на медиумите за овие прашања?
Сметам дека медиумите се тие кои треба да ја сензибилизираат јавноста и дека нивната улога во промената на свеста е исклучително важна. За жал, третманот на овие прашања, и воопшто на темите поврзани со родовата еднаквост е далеку од задоволителен. Напротив, токму изминатиов период бевме сведоци на една кампања на медиум против таканаречена ,,прееманципираност’’, што е доказ дека мизогинијата е тешко искоренлива во нашето општество. Сите ние го носиме својот дел од одговорноста, а и медиумите како фактор на влијание не се изземени. Се надевам дека позитивните примери, кои секако се присутни, ќе станат стандард, а не исклучок. Затоа што поддршката од ,,седмата сила’’ во процесот на унапредување на човековите права е навистина неопходна.