Апсурдите со бугарското негирање на се што е македонско, продолжуваат во нов жанр- тоа е еден мал, но скапоцен по самата суштина- комичен трилер. Сега на сцена настапуваат Ивица Дачиќ, претседател на српското Собрание, во комбинација со една турбо-фолк ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ, еднакво позната како сопруга на Аркан.

Седнале тие двајцата на високопрофилната и блескаво влијателна -ТВ Пинк, која замислила дека е седиштето на ОН и ЕУ и во слободно време се разрешуваат светски спорови со пригушени крици на прпелкањата на турбо порнографијата.

Така тоа оди кога се води висока политика во  царството на гранд ѕвездите- измеѓу две кревелења на турбо-селската инвазија, со страст на еден Кисинџер, Цеца и Дачиќ почнуваат длабокоумно да анализираат, згрозени од можноста светот да пропадне, а нив единствена шанса да го спасат им преостанала ТВ Пинк.

И така, анализираат тие загрижено, можеби подобро би било- се малтретираат да дебатираат за тешки теми, ги анализираат бугарските позиции кон Македонија и интервјуто на Заев во БГНЕС, завалени во столиците, раскикотени и расположени.

Тие се гледа дека се нетрпеливи, во очекување се со која песна ќе ги изненади неоткриениот надворешно политички бисер Цеца, конечно отворена од школката, почнала да произведува преговарачки вештини и стратегии, кои допрва ќе им ги тресне на маса на претседателите на историските комисии-Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров.

На крај, се разбира, рецептот за ставање крај на спорот го нуди тајната наследничка на Кисинџер, почитуваниот блескав ум за надворешна политика, Цеца, на која досега никој не и дал шанса да ги развие сопствените генијални потенцијали, каква жал за нејзиниот нобеловски капацитет. Овој скриен талент конечно изби на површина. Таа  веројатно потслушнувала како се разрешуваат спорови, очигледно несогласувајќи се со опциите кои пред децении ги испорачуваше Аркан, но се плашела да ги соопшти, со оглед на можноста да заврши во некоја масовна гробница, согласно џелатските манири на покојниот сопруг.

Како да се заврши овој тежок спор, таа секако дека знае и своето знаење несебично ни го нуди- “Седнете на маса, разговарајте луѓе, 2020 година е”, вели таа, задавајќи удар на целата светска историја на водењето на дипломатија, која мислела дека само со геноцид, масовни ѕверства и убиства се решава светот, онака како што многу добро тоа го знаеше и го правеше Аркан. Кутар Балкан, навистина му нема спас.