За успесите кои беа постигнати, но уште повеќе и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер, носам целосна одговорност – изјави денеска поранешниот премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски. Тој призна дека за време на неговиот мандат се направиле крупни грешки, додавајќи дека со сознанијата кои сега ги има, многу работи би ги направил сосема поинаку.

„За жал како во приватниот живот така и во политиката, времеплов не постои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери, туку верувајќи во тие и такви околности дека се правилни од денешен аспект гледано, негативните последици мора да се признаат“, порача Црвенковски во своето обраќање на Свечениот научен собир кој се одржува денеска и утре во организација на МАНУ и Институтот за национална историја.

Зборувајќи за неговите согледувања во врска со тоа каде се наоѓаме како држава и кои се политиките кои треба да ги спроведуваме во иднина, тој се осврна на евроинтеграциите, како и на договорите со Грција и со Бугарија.

„Веднаш по стекнување на независноста, во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал, и покрај исполнетите услови пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО ниту ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал, испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија, не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ“, посочи Црвенковски.

Тој рече дека овие два договора не може да се сметаат за еднакви. Според него, Преспанскиот договор не е добар, ниту идеален, но како што рече, со него се затвори едно тешко прашање.

Според Црвенковски, Договорот за Бугарија не само што не затворил ниту едно прашање, туку и послужил како основа за цела серија барања од Бугарија кои како што рече тој, задираат во нашиот идентитет па компромис не е можен.

-Што ако самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување затоа што ваква каква што е со постојните членки е доволно ефикасна, а дополнителни членки ќе го усложнат и онака компицираниот начин на креирање на политиките? Такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои нема друга алтернатива – ќе се самораспуштиме? Јас алтернатива не гледам ни на Исток, ни на Далекиот Исток. Дали во тој случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и визија да се развиваме како суверена држава без полноправно членство во ЕУ? Дали сме способни да ги реализираме реформите, не затоа што тоа Брисел ни го наметнува, туку затоа што тоа ни е потрено нам? Зарем некој од Брисел треба да ни каже дека законот треба да важи за сите – праша Црвенковски.

„Ако нашата главна идеја водилка е дека НАТО ќе не’ брани, ЕУ ќе не’ храни, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се храниме“, изјави тој додавајќи дека никој однадвор не може да биде позаинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци.

Според поранешниот премиер, постојат повеќе причини кои не’ попречуваат да се однесуваме така кон сопствената земја. Наведувајќи ја првата причина, тој во своето обраќање ги „искара“ политичките партии дека се однесуваат како непријатели, а не како конкуренти.

„Македонија е корумпирана држава. Во корумпирана држава нема еднаквост пред законот, нема фер пазарна економија, квалитетно образование, нема ниту квалитетно здравство, ниту ефикасна администрација, ниту елементарна доверба во институциите. Во корумпирана држава нема и не може да има доминантно прифатен систем на морални вредности, кон ни е неопходен за да се активира целокупниот општествен потенцијал да исчекориме напред. Македонија внатрешно е длабоко поделена и конфронтирана држава. Во Македонија не е можно да се изгради консензус околу ниту едно важно стратешко прашање“, смета Црвенковски.

Тој се осврна и на економијата истакнувајќи дека Македонија е држава која живее на кредити.

„Постои изрека – кој живее на кредит, умира на рати“, додаде Црвенковски.

Тој рече дека треба да се направи план за се обезбеди сигурна и просперитетна иднина на држава. Црвенковски апелираше да се подготви платформа чие спроведување ќе биде задолжително за сите.

-Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со коруцпијата. Треба да се почне со коруптивното финансирање на политичките партии. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта тогаш немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата – истакна Црвенковски.

Тој апелираше и до МАНУ и до актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски да покренат една таква иницијатива за нешто, што и’ е неопходно на Македонија.

„Има една реченица која многу тешко ми паѓа – не не’ бива и нема да не’ биде како држава. Клучното прашање е дали сакаме“, заклучи Црвенковски.