Само неколку дена откако беше избран за нов министер за правда на Турција, Бекир Боздаг го наименува својот брат на клучна позиција во неговото Министерство, објави весникот „Хуриет дејли њуз“.
Јунал Боздаг бил назначен за главен консултант на Министерството по наредба потпишана од министерот, премиерот и претседателот, што била објавена во службен весник.
Бекир Боздаг, кој е поранешен вицепремиер, беше избран за министер за правда при реконструкцијата на владиниот кабинет на 25 декември.
Пред именувањето на новата функција, Јунал Боздаг беше заменик-раководител на Одделот за човечки ресурси во Министерството.
Во 2012 година Бекир Боздаг призна дека неговиот брат работи во Министерството за правда, изјавувајќи дека „и тој, како секој друг, има право да биде државен службеник“.
Најновата афера доаѓа во време кога Владата на Турција е потресена од политичко-финансискиот скандал, во кој се вмешани лица блиски до владиниот Кабинет и владејачката Партија на правдата и развојот, вклучително и синовите на двајца поранешни министри.