Претседателот на Европскиот Совет во заминување, Доналд Туск се обрати пред студентите на престижниот Европски колеџ во Бриж, Белгија. Во своето обраќање, меѓу другото, тој му се обрати и на францускиот претседател Емануел Макрон, предупредувајќи го за последиците од неговите неодмна изнесени ставови во врска со проширувањето и односите со Русија.
„Сега се обраќам кон францускиот претседател, еден од неспорните лидери на Европската унија, и нашата надеж за иднината, и мојот драг пријател. Сакам да му кажам дека го споделувам неговиот сон за вистинска суверена Европа. Убеден сум дека сме способни за тоа, под услов да се однесуваме како суверени. Но, тоа не беше случај неодамна кога дискутиравме за проширувањето на ЕУ. Нема да има суверена Европа без стабилен Балкан интегриран со остатокот од континентот и не треба да бидете историчар за да го разберете ова. И нема да има суверена Европа без независна Украина. Нашиот строг и постојан став кон Русија беше првиот израз, толку јасен и недвосмислен, за нашиот суверенитет. Ние мора да истраеме во ова”, изјави Туск.
Туск во своето емотивно излагање пред студетите во Европскиот колеџ посебно се осврна на односите на ЕУ со Русија.
„И ова е причината зошто, кога ќе ги слушнам зборовите на Макрон, дека „ние мора да го преиспитаме нашиот став кон Русија, да го преиспитаме стратешкиот однос“, можам само да изразам надеж дека тоа нема да се случи по цена на нашите идеали за суверенитетот на Европа. Во истото интервју за ‘Економист‘, претседателот Макрон вели дека ги споделува истите ставови на оваа тема со Виктор Орбан и дека се надева дека Орбан ќе помогне да ги убеди Полјаците да го променат ставот кон Русија. Можеби, но не и моите, Емануел”, му се обрати претседателот на Европскиот Совет во заминување на францускиот претседател Макрон.
Доналд Туск во овој говор зборуваше и за фундаменталните вредности на европската конструкција кои се во криза.
„И, конечно, она што е најважно за мене. Отсекогаш ја потенцирав улогата на компромис во европската политика. Компромис, преговори, консензус, клучните зборови, без кои не можеме да ја разбереме ЕУ. Сепак, постојат работи и прашања, кои не можат да бидат предмет на компромис и преговори. И јас зборувам за нашите основни вредности: слобода, владеење на правото, достоинство на поединците. Која е поентата на единството, суверенитетот и солидарноста ако не можеме да ја одбраниме Европа, сфатена како територија на слобода, култура и владеење на правото, против надворешните и внатрешните противници?” рече Доналд Туск во своето обраќање во Европскиот колеџ.




