Во македонските судови во тек се постапки по тужби за мобинг, но се уште нема донесено правосилна судска одлука, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска на маргините на денешното советување „Мобинг согласно Законот за работни односи“.
Мобингот претставува специфична форма на однесување на работното место, кога едно или повеќе лица систематски психички вознемируваат друго лице или група, со загрозување на угледот, честа, достоинството и интегритетот, а каде најчесто крајна цел е напуштање на работното место.
Пред учесниците на советувањето за германската судска пракса во врска со мобингот говореше Каролина Милосављевиќ-Шулце од Фондацијата ИРЗ.
– Да се докаже мобингот е многу тешко. Затоа на адвокатите и на судиите во Германија им се препорачува да водат детален протокол за ваквите процеси. Значи точно да опишат кој прави мобинг, како и каде го прави мобингот, односно да се направи детален опис на сите елементи на мобингот. Во судовите постои можност на олеснување на доказната постапка. Имено доволно е жртвата да ги наведе сите овие елементи, а потоа оној што врши мобинг треба да докаже дека тоа не е така, рече Милосављевиќ-Шулце.
Според статистиката направена од Германската сојузна служба за заштита на работите односи, како што посочи, најчесто во Германија 50 проценти од оние кои прават мобинг се претпоставените, но има случаи на мобинг и меѓу колегите.
– Најмногу жртви на мобинг се лица кои се занимаваат со социјални дејности како воспитувачи, негуватели, продавачи… Сопред статистиката 75 проценти повеќе има шанси жената да биде жртва на мобинг отколку мажот, а исто така и во однос на старосните групи, оние што вршат мобинг се најчесто од 35 до 55 години, а жртвите се лица или помлади од 25 години или постари од 55 години, нагласи Милосављевиќ-Шулце.




