После неколку дневните обиди на медиумите, како и на НОВА да стапи во контакт со раководството на Алфа ТВ денеска телевизијата објави соопштение за процесот на отпочнување постапка за престанок на работниот однос на дел од новинарите:
– Процесот на отпочнување постапка за престанок на работниот однос е започнат на 24.01.2014 год. Од првиот момент Менаџментот на Алфа ТВ постапката ја води транспарентно и сите одлуки, документи и постапки беа јавно презентирани на сите работници.
– Законот експлицитно не наведува кои и колку критериуми да се земат во обзир при евалуацијата на вработените. Менаџментот, иако не беше обврзан, реши евалуацијата да ја врши врз 4 критериуми: 1. здравствена состојба, 2. стручна подготвка и квалификации, 3. успешност во работењето и 4. вид и значење на работното место и придонес во резултатите на работата и реализацијата на деловната политика на друштвото. Секој објективен може да утврди дека покрај директниот ангажман со успешноста и придонесот во работата на друштвото кои во секоја фирма се клучни при проценката на ангажманот на работниците, работодавачот ценел и други критериуми кои имаат влијание врз неговиот општ статус и позицијата на работникот во друштвото.
– На евалуационата листа на Алфа ТВ се најдоа вкупно 108 вработени, од кои 31 од информативната редакција, 11 од контактно-забавната редакција, 4 од секторот маркетинг и 62 од техника и продукција на програма. Според Програмата за деловно работење и економски, технолошки, структурални и слични промени во Алфа ТВ, а врз основа на евалуационата листа, на спискот за технолошки вишок се најдоа 5 новинари, 2 новинари-репортери и по едно лице графички дизајнер, продуцент, организатор, маркетинг агент, реализатор на вести и синхронизација на најави, односно вкупно 13 вработени. Од листата на новинари, 2 се од информативната програма, 3 од забавно-контактната и 2 новинари-репортери од информативната програма.
– Според тоа, информативната редакција на листата за технолошки вишок учествува со само 4 вработени.
Со оглед на горенаведеното, со жалење можеме да го констатираме следното:
– Тврдењата на одредени медиуми дека преку процесот на технолошки вишок Алфа ТВ сака да се ослободи од “неподобните“ новинари кои биле водечки во информативната програма пред промената на сопственичката структура се апсолутно неточни и претставуваа груба манипулација на јавноста и неуспешен обид за дискредитација на Алфа ТВ. Од 31 вработен во информативната редакција, дури 20 се од периодот пред промената на сопственичката структура, а 11 се вработени по Јануари 2014 год. На листата на технолошки вишок има само 3 (2 новинари и 1 новинар-репортер) од вработените со подолг стаж и 1 новинар-репортер од вработените во Јануари 2014. Како тоа Алфа се обидува да се ослободи од “неподобни“ новинари од периодот пред промената на сопственичката структура кога дури 17 новинари од нив остануваат на работа, а само 3 се на листата на технолошки?
– Ова се фактите од процесот за престанок на работен однос поради деловни причини во Алфа ТВ и тие се непобитни. Фактите велат дека и бројот, и имињата, и контекстот во кој се става процесот на технолошки вишок во Алфа ТВ од страна одредени телевизии и портали не се точни!
– Со жалење констатираме дека одредени медиуми кои изнесоа исти неточни информации, очигледно пласирани од исто место, без никакво чувство за објективно информирање на јавноста, а со цел преку сензационалност да ја зголемат својата нечитаност, негледаност и нерелевантност, упорно настојуваат еден процес кој што од секој аспект воопшто не е лесен за сите вработени во Алфа ТВ, да го стават во политички контекст за да остварат свои валкани и деструктивни цели, се вели во соопштението од ТВ Алфа.

Во саботата претседателот на Независниот новинарски синдикат, Тамара Чаусидис, во изјава за НОВА истакна дека синдикатот бил исклучен од процесот на консултации и дека бил само информиран за одлуките од страна менаџментот на ТВ Алфа.
„Особено приговаравме и ги сметаме за нелегитимни и тенденциозни критериумите за бодување кои се така дизајнирани за да овозможат субјективно оценување. Процедурата за бодувања и за прогласувања технолошки вишок менаџментот на ТВ АЛФА го најави уште во јануари со ветување дека целата процедура ќе биде спроведена според Закон. Она што по објавувањето на списокот на бодирање особено паѓа во очи и дополнително не загрижува е што меѓу најслабо оценетите новинари се и двајцата синдикални претставници во ТВ АЛФА Љубиша Арсиќ и Јасминка Аневска, кои се заштитени и со Законот за работни односи и со Колективниот договор за приватен сектор и кои всушност се обидуваа во изминативе месеци да ја запрат, односно да и дадат легална насока на целата постапка“, рече Чаусидис.

Синдикалниот лидер на новинарите на ТВ Алфа Љубиша Арсиќ, за НОВА објасни дека во евиденцијата за 2013 се наведени имиња на новинари кои воопшто таа годна не работеле во телевизијата. Потоа, тој го посочува проблемот со примена на четвртиот кртериум каде, на пример новинари од ист ресор се бодуваат со десет поени разлика.
ССНМ за денеска најави дека ќе се обиде да стапи во контакт со менаџментот на ТВ Алфа за да се види колку и како ќе бидат земени предвид барањата на ССНМ за да се изјаде најдобро решение за вработените.
На СМС пораката од НОВА, до главниот и одговорен уредник на Алфа ТВ, Коле Чашуле, за реакација по однос на негодувањата на синдикатот за бодувањето на новинарите, испртена во саботата, не добивме одговор.




