Сајтот за социјално вмрежување Твитер има издадено нови правила за да помогне во одредување на навредливо однесување, јавува Би-Би-Си.
Компанијата соопшти дека ги апдејтира своите правила за да стане јасно дека злоупотребата нема да се толерира.
Дополнителен персонал е вработен за да се справи со извештаите на злоупотреба, велат од Твитер.
Овој потег доаѓа откако полицијата откри дека ги испитуваат наводите од осум лица за злоупотреба или заканувачко однесување на страницата.
Скотланд Јард соопшти дека нејзината е-криминална единица ги разгледала овие тврдења, од кои во три се вклучени инциденти надвор од Лондон.
Три новинарки рекле дека биле предмет на бомбашки закани на сајтот, додека пратеничка и активистка добиле закани за силување.
Откритијата предизвикаа силни реакции на интернет, со петиција за Твитер да додаде копче “пријави злоупотреба”, што привлече повеќе од 120.000 потписи.