После пет години во бегство од судските органи, Никола Лазиќ, сопственикот на српската фирма „Елита интернационал“ кој измамил околу 1.600 луѓе и на тој начин стекнал 35 милиони евра, е уапсен во Италија и екстрадиран во Србија, пренесува српски „Блиц“.
Лазиќ бил уапсен во Милано по меѓународна потерница издадена по барање на српските правосудни органи, по што веднаш е екстрадиран во Србија, каде против него е покренато обвинение за измама.
Фирмата прво се рекламирала како агенција за недвижности, а подоцна како успешно претпријатие за „посредништво при вложување на капитал“. Практично тоа значело дека луѓето давале влогови во минимална вредност од 5.000 евра со месечна камата од три отсто.
Илјадници заинтересирани граѓани, главно пензионери и луѓе кои добивале опремнина при отпуштање од работа, ги вложувале парите во оваа фирма. Шемата работела без проблеми и каматите се исплаќале редовно до крајот на 2008 година, кога исчезнал Лазиќа. Заедно со него исчезнува и целата документација на компанијата, меѓу која и договорите со клиентите.
Полицијата веднаш почнала истрага врз основа на стотиците жалби од измамени граѓани, а на крај случајот го презема судот и издава наредба за апсење на Лазиќ.
Обвинението против него е покренато во март 2012 година. Оттогаш кружеле различни информации дека тој избегал во Црна Гора, Африка, а потоа и во САД.