Индискиот тајкун Субрата Рој утрово самиот се предал на полицијата во градот Лукнов, објавува BBC , откако во средата беше објавен налог за негово апсење поради тоа што не се појавил пред суд во врска со обвинение за измама.
>>Врховниот суд во Индија распиша потерница за Субрата Рој
Тој ќе остане во притвор до 4 март, откако судот не ја прифати неговото барање, оценувајќи го како „не е итно“.
„Субрата Рој самиот и се предаде на полицијата во Лукнов. Тој соработува со сите власти,“ изјави на прес-конференција во Њу Делхи, неговиот син, Семанто Рој.
Полицијата вчера изврши претрес во една од неговите куќи, но не го пронајде. Тој истакна дека излегол да се консултира со лекари во врска со нарушеното здравје на неговата мајка.
Две фирми од компанијата „Сахара груп“ на Рој се обвинети дека стекнале 240 милијарди рупии (3,9 милијарди долари) преку нелегални хартии од вредност. Пазарните регулатори тврдат дека Рој не рефундирал милиони долари на инвеститорите, наспроти судските одлуки.

„За нас е најважно што се оди според планираното во делот на реализација на пороектите што Сахара груп ги има во Република Македонија во делот на Џумајлија каде што имаат купено земјиште и се одвиваат инвестициски и други активности, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески (29.10.2013) во врска со последната одлука на индискиот суд да му забрани да ја напушти Индија.
Двајцата синови на Субрата Рој минатата година добија македонски државјанства, а според информациите од владата дадени пред неколку месеци, Субрата Рој немал поднесено вакво барање, а доколку поднесе, истото ќе биде разгледано.

На 2-ри октомври минатата година на плоштадот во Скопје се одржа Балканскиот мировен фестивал, спонзориран од Сахара групацијата, под покровителство на Владата на Република Македонија.
Фестивалот кој беше директно пренесуван на националанта МРТВ се одржа по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и на Меѓународниот ден против насилството. Фестивалот беше иницијатива за промовирање на мирот и како што беше најавено секоја година ќе се одржувал во различна балканска земја.




