Покрај претседателот на „Златна зора“ Никос Михалолиакос се и пратениците Христос Паппас, Илиас Касидиарис и Панајотис Илиопулос. „Златна Зора“ упати повик до своите приврзаници да излезат на улиците и да им дадат поддршка.
„Денеска е уапсен е лидерот на партија Никос Михалолиакос , и најмалку уште тројца или четворица пратеници и уште околу триесетина членови на партијата. Тие се однесени во главната управа на полицијата на Атика во врска со наредба и сомнение за учество во злосторничка организација. Ги повикуваме своите приврзаници да се спротистават на овие незаконски мерки”, се вели во соопштението на неофашистичката „Златна зора“.
Партијата е обвинета за вмешаност во бројни напади врз мигрантите и левичарите, како и за убиството на левичарскиот активист и рапер Павлос Фисос. 34-годишниот музичар на 18. септември беше убиен од член на „Златна зора“. Ова, воедно, беше и точката на вриење и критиките на адреса на грчката влада која и претходно беше обвинувана дека предолго ја толерира „Златна Зора“, буквално се вжештија.
Неофашистичката партија на последните парламентарни избори во јуни 2012 година освои 18 пратеници од вкупно 300 мандати со што за прв пат во историјата неофашистите влегоа во парламентот. Јавноста во Грција во време на тешка криза беше подбуцнувана со ветувања за „чиста“ Грција и пресметка со имигрантите.
Членовите на „Златна Зора“ летово беа вмешани и во инциденти на македонско-грчката граница. Вршеа илегални проверки на македонските возила за да „проверат“ дали биле соодветно означени и делеа националистички и расистички материјали. Овој чин предизвика дури и дебата во грчкиот парламент кога пратеничката на грчката опозициска партија Демократска левица, Марија Јанакаки постави прашање до Владата до кога планираат да го толерираат малтретирањето на македонските граѓани од страна на членовите на „Златна Зора“.
Досега оваа партија не беше казнувана за насилствата извршени против мигрантите и симпатизерите на левицата.