Пишува Магдалена Лембовска, проектна координаторка и истражувач во ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии
Четири години после избувнувањето на скандалот со прислушувањето, кој откри масовни злоупотреби на безбедносно-разузнавачките служби, се уште трагаме по вистинското решение кое овие служби конечно ќе ги стави под контрола и ќе спречи нивна идна злоупотреба.
Навистина, уште минатата година се донесе ново законодавство кое целосно го промени начинот на кој се следат телефонските комуникации.
Од ноември функционира Оперативно Техничката Агенција (ОТА) која треба да биде гарант дека ниту полицијата ниту разузнавачките служби нема да можат да не прислушкуваат без судски налог. Минатата недела беше усвоен и Законот за Агенција за национална безбедност (АНБ), кој ќе треба да овозможи трансформација на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во независна Агенција за национална безбедност.
Иако законот беше усвоен со консензус, ниту власта ниту опозицијата, ниту пак стручната јавност не се убедени дека избрано е најоптималното решение. Една од причините за загриженост е можноста на АНБ да прислушкува надвор од Законот за следење на комуникациите, односно да користи посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите. Станува збор за подвижна опрема, или т.н. „жолти комбиња” која новата Агенција би можела самостојно да ги користи. Во иднина, ова може да значи и употреба на софтверски решенија преку кои службите би имале пристап до содржините во мобилните телефони на лицата од интерес. Такво софтверско решение е на пример „Финфишер” за кој уште пред неколку години се појавија информации дека е присутен во земјата, иако тоа никогаш не беше потврдено од властите.
Прислушкувањето е несомнено една од неопходните алатки на безбедносно-разузнавачките служби. Современите методи на комуникација налагаат се пософистицирана опрема за службите, со цел да им влезат во трагата на оние кои ја загрозуваат националната безбедност. Проблемот настанува кога истите се користат за друга намена, односно за лични, партиски или бизнис интереси. Заради тоа, не треба да биде доведено во прашање постоењето на таквите методи, туку треба да најдеме заштитни механизми кои ќе ја спречат нивната злоупотреба.
Не е доволна само декларативна заложба дека оваа влада нема намера да ги злоупотреби службите за свои цели. Не е доволно ни да се вметнат законски одредби кои на хартија звучат (доволно) добро, но во практиката нема да бидат ефективни. Веќе почнаа да излегуваат на површина дупките во Законот за следење на комуникациите, кој да се потсетиме, исто така беше донесен со консензус. Не само што надлежната собраниска комисија се соочува со нејаснотии во однос на надлежностите, туку никако не успеа да ја добие неопходната експертска поддршка како што беше предвидено во законот. Не е функционален ниту Совет за граѓански надзор, иако во времето на носењето на законот беше гордо најавуван како чекор понапред кој ќе помогне граѓаните да стекнат доверба во службите. Уште поважно, сосем е нејасно дали овие тела ќе можат да вршат надзор над прислушкувањето кое ќе го врши новата Агенција за национална безбедност.
Прислушкувањето е доста интрузивен, но не и единствен метод на собирање на податоци кој може да ги ограничи или повреди правата и слободите на граѓаните. АНБ ќе може да врши надзор на поштенски пратки, да добие директен електронски пристап до евиденциите на било која институција врз основа на меморандум (?!) потпишан од директорот итн. Посебна приказна се вработувањата и трошењето на средствата кои, според природата на работењето на безбедносно-разузнавачките служби, се далеку од очите на јавноста.
Парламентарната контрола над работењето, предвидена со штотуку усвоениот Закон за Агенција за национална безбедност, не е никаков новитет во македонското законодавство. И досега се предвидуваше парламентарна контрола на УБК и се гарантираше пристап на пратениците до потребните информации. Таквиот надзор никогаш не се случи.
Сегашниот состав на Комисијата за надзор над УБК и на Агенцијата за разузнавање се немаше сретнато повеќе од една година, а обично повод за средба е разгледувањето на годишните извештаи кои овие две служби се законски обврзани да ги достават до Комисијата. Имајќи предвид дека УБК се уште не е реформирана, што значи дека ризикот од злоупотреба се уште е висок, парламентарната комисија воопшто не се обиде во името на граѓаните да се осигура дека оваа озогласена служба ги напуштила старите практики.
Парадоксално, претстојната реформа предвидува дека сегашната Комисија ќе има своја улога и во селекцијата на кадарот од УБК кој ќе треба да биде префрлен во новата Агенција за национална безбедност. Токму ова прашање беше предмет на дискусија и несогласување и во рамките на самата владејачка партија. Комисијата нема легитимитет да биде вклучена во овој процес не само поради сомнежот за политизација на реформата, туку едноставно поради тоа што сосема потфрли во својата работа.
Имајќи го тоа предвид, нема доволно простор за оптимизам дека нешто драстично ќе се смени во надзорот. Новиот закон само подетално презицира кои документи пратениците смеат, а кои не смеат да ги добијат на увид. Пречките на надзорот, кои се сплет од немање на волја, знаење и ресурси, и тоа кај сите чинители кои се дел од надзорниот циклус, не се отстранети.




