Законите не можат селективно да се применуваат, односно да не се применуваат во одредени градови, општини, села…како што тоа го бараат одредени партии, регираат од УЈП по вчерашното соопштение на СДСМ дека во кратовското селце Страцин, кое има околу двесте жители, се затворени двете селски продавници.
Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, соопштува УЈП.
Деловните објекти во кратовското село Страцин не се ослободени од обврската за фискализација. Согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, немаат обврска за фискализација лицата кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места, а Страцин не спаѓа во ниту една категорија.
Својствено е партиите да се занимаваат со даночни политики, но не и да “играат“ политика со даноците, да поттикнуваат даночна недисциплина и работење спротивно на законот.




