Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им врачи највисоки признанија – Плакета на премиерот Никола Груевски и на ректорот на Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду, Кина, Зонгуи Жанг за значајни остварувања и придонес во високообразовна научна и културна дејност и за афирмација на УКИМ во земјата и во странство.
Поводот е отворањето на кинескиот Институт „Конфуциј“ во рамки на УКИМ за кој во изминатите две години се водеа преговори меѓу двата универзитета со поддршка на двете влади.
Премиерот Груевски изрази задоволство и го честиташе основањето на Институтот, којшто попладнево свечено ќе биде отворен во НУБ „Св. Климент Охридски“, а за кој финалниот договор за основање во Ректоратот на УКИМ го потпишаа ректорот на скопскиот Универзитет Велимир Стојковски и ректорот на Универзитетот од Ченгду, Зонгуи Жанг.
Претседателот на Владата во својот говор нагласи дека Република Македонија и Народна Република Кина веќе 20 години ги развиваат меѓусебните односи во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и за заемно почитување, нагласувајќи дека токму образованието и сите детерминанти што го развиваат се значаен сегмент кој може да придонесе за јакнење на меѓусебните односи.




