Во соопштение објавено на официјалниот веб-сајт на претседателот на Украина, Виктор Јанукович, се вели дека тој им ги понудил владините фотељи на двете најголеми опозициски партии.
Арсениј Јаценјук би требало да биде новиот премиер доколку се согласи, а негов заменик би требало да биде поранешниот светски првак во бокс, Витали Кличко, со тоа што Јанукович би ја распуштил сегашната влада на Украина, кое воедно и беше едно од барањата на демонстрантите.
Засега, ниту Јаценјук ниту Кличко ја немаат прифатено понудата, која доаѓа еден ден по тензичните судири помеѓу полицијата и стотиците демонстранти на улиците во Киев.
Киев е задушен во црни облаци како последица на палењата кои ги предизвикуваат демонстрантите.
Протестите против Владата започнаа во ноември кога Јанукович одби да го потпише договорот за соработка со Европската унија со намера да се остане во блиски економски односи со Русија.